Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски одржаа два одлични концерта во Филхармонијата. Македонските музичари кои живеат надвор, Роџевски и Лумановски во Њујорк, а Бојаџиев во Лисабон, музички и пријателски се споиле пред 25 години, додека сите живееле во САД. Нивната блискост е видлива на сцената, и се познава во топлината и ентузијазмот во изведбата.
„Многу сме возбудени што по долги години повторно сме на свој терен. Исмаил пред да дојде овде имаше настапи во Австралија, Крсте дојде од Њујорк, а јас од Лисабон. Се собра македонското тројство од светот“, рече Дуке Бојаџиев.
Симболично, концертот почна со песната „Дом“.
„Оваа песна зборува за времето кога пред 25 години си заминав од Македонија и е напишана со длабоки и тажни емоции“, рече Бојаџиев. Со гордост и носталгија, тој ја најави и песната „Татко“, посветена на неговиот татко, познатиот композитор Тодор Бојаџиев, која совршено легна на мекиот тенор на Роџевски, а дополнително ја збогатува соло кларинетот на Лумановски.
Триото изведе повеќе македонски традиционални песни во нови аранжмани и во сосема поинаков дух. Иновативните обработки се направени така што дури и песните кои се премногу препејувани кај нас да звучат ново и забавно, како на пример „Не си го продавај Кољо чифликот“. Слушнавме и авторски песни на Бојаџиев и Роџевски, кој инаку работи како психијатар во Њујорк, и филмски теми, преработката на „Еден бакнеж“ од „Сенки“ и „Танго до балчак“ од „До балчак“.
Во еден дел од концертот, Роџевски свиреше тамбура и рече дека ќе се труди барем десет проценти да ја испее добро песната која некогаш ја пеела Вања Лазарова. Одличен избор за бисовите беше „Ајде слушај слушај, калеш бре Анѓо“ како за крај.
М. ЏАРОВСКА
Фото: К. Попов