АФРИКА ЌЕ БИДЕ ВО ФОКУСОТ НА 25. ОФФ-ФЕСТ, ПОЧНУВА НА 3 ЈУНИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дваесет и петтото издание на Офф-фест во Скопје ќе се одржува од 3 до 6 јуни, а ќе има осум концерти. Ќе учествуваат музичари од 12 земји, со посебен акцент на Африка.

Директорот на Скопскиот џез фестивал, Оливер Белопета (фото), вели дека иако се работи за јубилеј, не се амбицирале да направат нешто специјално или програмски да го прошират фестивалот поради тоа што буџетот е ограничен и не постојат инфраструктурни услови за концертите. На прес-конференцијата рече дека со години бараат летна сцена поради високите температури во тој период, но дека досега не им е излезено во пресрет.

„Најважно беше да се задржи главниот концепт на програмата и да се донесат најрепрезентативни имиња од таканаречениот трет свет, односно музика на светот, без да ги испуштиме Европа или медитеранските земји. Годинава, фокусот е на Африка. Секоја година оттаму имаме еден до двајца музичари од одреден регион, а сега обединуваме повеќе региони и правиме пресек на тоа што е таму актуелно“, кажа Белопета.

Отворањето е на 3 јуни во Националната опера и балет (НОБ) со концерт на „Гитари баро“, инструментално трио составено од музичари од Гвинеја и Мали. Потоа следува настапот на јужноафриканската група „БЦУЦ“.

Првите три вечери се во НОБ, а последната во Младински културен центар. Билетите ќе бидат пуштени во продажба на 16 април. На програмата се и музичари од Норвешка, Шпанија, Италија, Бенин, Конго, Мозамбик и Танзанија, а од Македонија ќе настапи дуото „Добрила и Дориан“.

Во придружната програма ќе биде прикажан бразилскиот документарен филм „Елис и Том“.

Покровител на Офф-фест е Министерството за култура и туризам, кое годинава му додели 2,4 милиони денари. Автор на плакатот и каталогот е уметникот Зоран Кардула.

(Фото: З. Петровски)