Поп-пејачката Антониа Гиговска в недела (3 март) од 18 часот ќе го промовира својот прв албум „2001“, кој е насловен по годината кога е родена. Промоцијата е од отворен тип и ќе се одржи во приземјето во „Сити мол“ во Скопје, а сите обожаватели на Гиговска бесплатно ќе го добијат албумот на УСБ.
На албумот има 15 песни, од кои повеќето се на продуцентот Лазар Цветковски. Има и песни од Дарко Димитров, но и од легендарниот композитор Кире Костов, со чија музика Антониа ја започна кариерата.
„Песната од Кире Костов се вика ‘За нас’ и ми е многу драга. Го викав дедо Кире и ќе го паметам како секогаш насемеан и распеан човек. Тој беше душа од човек“, ни рече поп-пејачката.
„Ги канам сите кои вистински ја сакаат и ја слушаат мојата музика да дојдат на промоцијата на мојот прв албум ‘2001‘ и да се дружиме во ‘Скопје Сити мол‘ на 3 март на главниот влез во 18 часот. Ќе пееме, ќе се сликаме и на сите ќе им го подарам мојот албум“, вели Гиговска.
На промоцијата ќе има и кутија за собирање пари за помош за Леонид Индов, кој се повреди на летување во Грција.
„Албумот нема да се продава, но ако сте во можност, оставете онолку колку што вие сметате дека треба, а собраните средства ќе одат за лекувањето на Лео“, вели Гиговска.
М.ЏАРОВСКА