ПРОМОЦИЈА НА КНИГИ ОД ДЕСПИНА МУКОСКА КОИ ИМ ПОМАГААТ НА ДЕЦАТА САМОСТОЈНО ДА УЧАТ ДА ЧИТААТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Новиот воспитно-образовен комплет за почетно читање „Мојата прва библиотека“ од Деспина Мукоска, со илустрации на Калиопи Трпчева, ќе биде промовиран денеска (20 март) во 13:30 часот во книжарницата „Литература.мк“ во трговскиот центар „Дајмонд“ во Скопје.

Промотори ќе бидат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, проф. д-р Јасмина Делчева-Диздаревиќ и Владанка Д. Миче, а модератор ќе биде Татјана Димовска-Атанасова.

Станува збор за комплет од 31 сликовница и картички со букви во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгите се читаат по редослед, од книга еден кон книга 31, следејќи ги трите нивоа: црвено, жолто и зелено. Се следат изучените букви напишани на задната корица.

„’Мојата прва библиотека’ ги учи децата како самостојно да учат да читаат и истовремено да ја развијат љубовта кон читањето. Ова претставува современо дидактичко помагало што треба да одговори на сè позачестената појава децата да научат да читаат, делумно или целосно, уште пред да тргнат во училиште“, вели издавачот.