60 ДЕЛА ОД ЦЕЛА ДРЖАВА ЗА 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА БОРКО ЛАЗЕСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва во 19 часот, во Националната галерија на Македонија-Даут пашин амам, ќе се отвори изложбата „Борко Лазески 1917-1993“.

Со изложбата се одбележуваат 100 години од раѓањето на најпознатиот македонски монументалист и втемелувач на витражот во Македонија. Поставката содржи шеесетина дела од речиси сите творечки фази на авторот.

Меѓу нив се оригинални дела од помал формат и фотографии од монументите на Лазески, како и реставрираните фрагменти од неговата „Фреска за НОБ“, која до земјотресот во 1963 година стоела во холот на Старата железничка станица во Скопје.

Куратор на изложбата со дела на Лазески, кој бил прв в.д. директор на НГМ, тогаш Уметничка галерија Скопје, е Маја Чанкуловска-Михајловска.

Изложбата и монографијата се реализираа во соработка со некои од највисоките државни институции, како Влада, Собрание, Народна банка на Македонија, Министерство за одбрана, Македонска академија на науките и уметностите, Музеј на Град Скопје, Музеј на современa уметност и Музеј на Македонија, но и со помош од приватни сопственици.

Како дел од проектот за чествување на Борко Лазески, Националната галерија минатата недела ја промовираше монографијата за него, а на 28 февруари, во 12 часот ќе организира и предавање за неговото творештво.