Новиот албум „Ќеиф“, џез-музичарот Васил Хаџиманов со својот бенд ќе го промовира со концерт во Скопје на 12 април во Македонскиот народен театар од 20 часот.
„Ова е наш осми студиски албум кој е објавен и како цеде и на дигиталните платформи, во издание на „Кроација рекордс“. Има девет песни кои ги продуциравме заедно со Марко Периќ и Тони Китановски кој ќе биде и специјален гостин на концертот. Насловот на албумот, ќеиф или мерак, го дадовме по сите лоши нешта кои ни се случија за време на пандемијата: страв, болест, смрт. По сето тоа, сите треба да правиме музика и нешта за нечиј и за свој ќеиф“, кажа Хаџиманов на пресот денес во Скопје.
Хаџиманов додава оти дури и со оглед на тоа што „Васил Хаџиманов бенд“ постои 27 години, тие се среќни што успеале да снимат осум албуми досега. „Тоа е успех за музичари кои работат исклучиво во овој регион, на овие наши простори како и да се викаат тие“, рече музичарот. Дел од бендот сега е македонскиот тапанар Виктор Филиповски кој беше на пресот како и гитаристот Тони Китановски. Гитаристот рече дека му е задоволство да биде и гостин на концертот и продуцент на албумот. „Кој и да сака да се качи на сцената и да свири со нас е добредојден“, рече Хаџиманов.
Тој ја искоментира и песната „Камен“, последната за која стиховите ги напишал неговиот татко, легендарниот пејач, композитор и актер Зафир Хаџиманов, кој почина во март во 2021 по компликации од ковид-19. Песната ја рецитира и ја пее македонскиот актер Никола Ристановски.
„Таа песна е нарачка за една ТВ серија која Зафир ја одработи, а продуцентите потоа ја одбија од необјасниви причини. Морав да ја издадам таа песна како помен на Зафир и кога со сопругата зборувавме кој машки вокал најдобро ќе ја донесе, таа го спомена Никола. Ристановски најмашки ја испеа последната песна од Зафир, нека ми простат другите машки вокали, но не можевме да најдеме подобар. Жал ми е што Зафир не го дочека тоа, но песната живее“, рече Хаџиманов.
Музичарот додаде оти на албумот гостува и ќерка му, оперската пејачка Марта Хаџиманов. Кажа и дека му е големо задоволсто што е гостин професор на Музичката академија во Нови Сад, и студентите кои учат класична музика ги учи за џезот во кој се вљубил како тинејџер. Концертот во Скопје го организира „А продукција“.
М. ЏАРОВСКА