ЅВЕЗДИТЕ НА НОВАТА СОВРЕМЕНА МУЗИКА СЕ СОБРАА НА ФЕСТИВАЛОТ ЛОНГ ПЛЕЈ ВО ЊУЈОРК

Њујорк, (СМАРТСДК.МК)

Њујоршкиот фестивал Лонг плеј, иако има само три изданија, прерасна во еден од најзначајните настани за промоција на нова современа музика во светот. Годинешното трето издание на Лонг плеј понуди над 60 концерти на нова одлична музика, во еден долг викенд, на повеќе места во Бруклин, сите на непосредна близина едно од друго.

Клеар Чејс на флејта свиреше и едно дело инспирирано од поезијата на македонскиот поет Никола Маџиров, најавувајќи го и него во настапот. (Фото: СДК.МК)

„За наша среќа, годинешниот фестивал Лог плеј е преплавен со сите различни видови музика и музичари – музика која е гласна и мека, музика која е движечка и медитативна, музика која е за да размрда и за да опушти. Музика која е предизвик за тоа од каде дојдовме и дава мапа каде одиме“, велат организаторите Мајкл Гордон, Девид Ланг и Џулија Волф, уметнички директори на „Бенг он а кен“, која од мал колектив порасна во џиновска меѓународна организација посветена на поддршката на експерименталната музика, каде и да се наоѓа.

Флукскит секстетот на Дариус Џонс (Фото: СДК.МК)

На Лонг плеј изминатиот долг викенд настапија 50-тина музичари и состави – од глобални ѕвезди како Пети Смит до легенди на современата класична музика како Дејвид Рајш. Фокусот е на нова музика без оглед на жанрот, со акцент на современа класична и џез.

Флејтистката Рашида Али, пијанистката Кетлин Супове. (Фото: Е. Хеј)

Големиот настан првата вечер беше Пети Смит со Саундвок колектив – експериментална музика во срцето на Бруклин, но вистинска ѕвезда на вечерта беше концертот на татковците на њујоршката современа авангарда „Бенг он а кен ол старс“, кои се и организатори на фестивалот.

Татковците на њујоршката современа авангарда „Бенг он а кен ол старс“, кои се и организатори на фестивалот. (Фото: СДК.МК)

Следниот ден флукскит секстетот на Дариус Џонс имаше искрен настап на ветеранот на саксофон со неговиот бенд.

Новонарачана современа опера „Големата опера на јидиш речникот“ од Алекс Вајзер и Бен Каплан беше изведена во Месна заедница, но наиде на извонреден прием, иако стануваше збор само за концертен рецитал на оперската музика.

Новонарачана современа опера „Големата опера на јидиш речникот“ од Алекс Вајзер и Бен Каплан. (Фото: СДК.МК)

Ребека Хелер на фагот претстави светска премиера на новото дело на Стив Рајш „Контрапоинт на Гренд стрит“ и композиција од Џулиус Истман. Маестралната изведба беше пречекано многу топло, а и композиторот беше во публиката.

Енергичната Клеар Чејс на флејта свиреше и едно дело инспирирано од поезијата на македонскиот поет Никола Маџиров, најавувајќи го и него во настапот.

Ребека Хелер на фагот. (Фото: СДК.МК)

Легендата на електронската музика Џеф Милс беше ѕвезда на втората вечер со музика од албумот „Утре доаѓа жетвата“. Флејтистката Рашида Али, пијанистката Кетлин Супове и перкусионистот Сундиата му се придружија и го трансформираа електронскиот звук во таписерија на експериментални, но емотивни инспирации.

Трубачот Роб Мазурек со тапанарот Чед Тејлор. (Фото: СДК.МК)

Сем Прекоп и Џон Мекинтајр настапија во супер-хипстерскиот бар „Паблик рекордс“. Електронската музика дишеше на рачно направените звучници.

Исклучително инспириран сет малку подоцна имаше трубачот Роб Мазурек со тапанарот Чед Тејлор, настапувајќи под името „Чикаго андерграунд дуо“. Мазурек, кој има настапувано и на Скопскиот џез фестивал, и Тејлор свиреа во интимно студио, окружени со публиката која стоеше. Настапот беше мајсторски, но исполнет со емоција.

Милвос квартетот имаше два концерти. (Фото: СДК.МК)

Милвос квартетот имаше два концерти – обата беа сензационално добро отсвирени, со различен репертоар во кој имаше и премиерни дела, нарачани од Милвос.

„Бенг он а кен ол старс“ ја изведе нивната верзија на легендарното дело на Стив Рајш „Музика за 18 музичари“. (Фото: С. Бергер)

Големото финале ги оправда очекувањата. Во големата сала на Бруклинската музичка академија, „Бенг он а кен ол старс“ ја изведе нивната верзија на легендарното дело на Стив Рајш „Музика за 18 музичари“. Хипнотичко дело во перфекционистичка изведба.

 

Фото: Големиот настан првата вечер беше Пети Смит со Саундвок колектив (Фото: Џ. Сервантес)