БИТОЛЧАНКАТА КАТЕРИНА МАВРОВСКА ЈА ПРЕТСТАВИ УБАВИНАТА НА ЖЕНАТА ПРЕКУ ИЗЛОЖБА НА ЦРНО-БЕЛИ АКТОВИ И ПОРТРЕТИ

Битола, (СМАРТ СДК.МК)

„Црно и бело е сѐ“ е насловена седмата по ред изложба на битолчанката Катерина Мавровска, поставена во Центарот за култура во Битола, која содржи 35 фотографии на женски актови и портрети во црно-бела техника.

„Ме инспирира убавината на женското тело, а портретите се случајни средби со впечатливи женски ликови. Преку убавината на жената сакам да ја прикажам нејзината моќ. Сметам дека жената отсекогаш е помоќна од мажот, само што ѝ недостига физичка сила“, вели Мавровска, која по професија е медицинска сестра.

Фото: СМАРТ.СДК.МК

Ги избрала црната и белата боја за своите фотографии сакајќи да укаже на тоа дека секогаш по темнината доаѓа светлина, кон која човечкото битие треба да се стреми.

Првата фотографија ја направила на седум години кога имала една мала пластична камера и ги сликала кокичињата на Тумбе кафе. Потоа посетувала фотосекции, стана членка на фотоклубови, а пасија ѝ е уметничката фотографија. Обожава да ја фотографира природата, па Мариово, Кајмакчалан и други природни убавини биле теми на некои од нејзините изложби. На конкурсот на Светската организација за заштита на планетата Земја во 2006, нејзината фотографија „Булки“ се најде на насловната страница на списанието „Зелена линија“.

Ж. ЗДРАВКОВСКА