Денеска (21 мај) во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе биде промовирано делото „Дни, години“ од Димитар Башевски, добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга за 2023 на Струшките вечери на поезијата (СВП). Книгата ја издаде „Слово“.
Според жирито за минатогодишната награда „Браќа Миладиновци“, „Дни, години“ претставува значаен прилог во новите текови на современата македонска поезија.
Книгите на Башевски се преведени и објавени на англиски, чешки, грчки, романски, српски, турски, бугарски, црногорски и албански јазик. Застапен е во поголем број антологии на македонската литература во земјата и во странство и во македонските енциклопедии. За своите книги ги има добиено наградите „11 Октомври“, „Рациново признание“, „13 Ноември“, „Ванчо Николески“ и „Св. Климент Охридски“, а неговата книга „Бунар“ беше прогласена за Роман на годината од „Утрински весник”.
Фото: Книга.мк