Со претставата „Чудна случка со кучето во ноќта” на Драмски театар Скопје, во режија на Зоја Бузалковска, вечерва (31 мај) се затвора 25. Интернационален Фестивал на монодрама Битола 2024. Фестивалот годинава се реализира под слоганот „Слободата живее тука“.
„Фестивалското мото е директна асоцијација дека не само актерите,туку и уметниците се во константна трка и потрага по слобода, а неа ја наоѓаат токму таму каде што творат, на сцените”, вели директорката на Центарот за култура во Битола Маја Андоновска-Илијевски.
Свеченото затворање, доделувањето на наградите и претставата „Чудна случка со кучето во ноќта” ќе се реализираат во Народниот театар Битола.
Претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ е авторска адаптација на Сајмон Стивенс направена според мотивите од романот на Марк Хадон. Костимите се на Елена Вангеловска и Раде Василев, а сценографијата е на Константин Трпеноски. Авторската музика е на Давид Ангеловски, а кореографијата и фри ранинг техниката е на Симон Симоновски.
Улогите ги играат: Дамјан Цветановски, Трајанка Илиева-Вељиќ, Александар Степанулески, Емилија Мицевска, Соња Стамболџиоска, Јасмина Василева, Филип Трајковиќ, Стефан Вујисиќ, Златко Митрески и Нела Павловска.
Премиерата беше во декември 2021 и досега има триесет изведби на матичната сцена и на фестивалите Охридско лето во 2022 година, фестивалите „Рута“ Љубљана, „5ре“ во Велес и „Војдан Чернодрински“ Прилеп во 2023, каде освои повеќе награди меѓу кои, наградата најдобар актер ја доби актерот Дамјан Цветановски.