ГРУЗИЈЦИТЕ ГО СЛАВАТ НАЈДОБРИОТ ДЕН ВО СВОИТЕ ЖИВОТИ ОТКАКО ФУДБАЛЕРИТЕ СЕ ПЛАСИРАА ВО ОСМИНАФИНАЛЕТО НА ЕП

Германија, (Гардијан)

Хвича Кварацхелија изјави дека пласманот на Грузија во осминафиналето на Европското првенство во Германија наспроти сите очекувања е најдобриот ден во историјата на земјата.

Напаѓачот на Наполи го постигна првиот гол во шокантната победа од 2:0 над Португалија, со која Грузија го обезбеди третото место во својата група и во нокаут-фазата ќе игра со Шпанија.

„Ова е најдобриот ден во животот на Грузијците. Испишавме историја. Никој не веруваше дека ова е можно, дека би можеле да ја победиме Португалија, но затоа ние сме така силен тим. Се охрабрувавме едни со други и си кажувавме дека можеме да го направиме тоа. Дури и доколку имаше 1% шанси, покажавме дека може да се оствари“, изјави Кварацхелија, најголемата ѕвезда во тимот на Грузија.

Пред неполни четири години, Грузија беше елиминирана од Македонија во баражот за претходното ЕП, а сега не само што игра на своето прво големо натпреварување, туку е и најпријатното изненадување.

Во Тбилиси, главниот град на Грузија, синоќа се славеше големиот успех. Стотици луѓе се собраа на Плоштадот на слободата, што предизвика сообраќаен метеж во градот.

„Дечките ни подарија чудо. Сите заслужуваат повеќе од благодарам. Се бореа до крај и покажаа дека Грузијците имаат фудбалски талент“, изјави премиерот Иракли Кобахиѕе.

(Фото: ЕПА)