ВОЗБУДЕН СУМ КАКО КОГА МИ СЕ РОДИЈА ДЕЦАТА, РЕЧЕ ГРИГОР КОПРОВ НА КОНЦЕРТОТ СО НЕГОВИТЕ ХИТОВИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Дел од најголемите хитови кои ги напишал легендарниот композитор Григор Копров се испеаjа на концертот „Најдобrото од Копров“, што се одржа сношти (4 јули) во Операта во рамките на Скопско лето.

Ана Петановска и Денис Димоски (Фото: К. Попов)

Повеќето песни ги испеа младата пејачка со богат вокал Ана Петановска, со која Копров соработува. Настапија и Наде Талевска, секогаш вокално бесперкорна, Горан Наумовски, кој е дел од организацијата, Денис Димоски и Владо Јаневски како специјален гостин.

„Сите ние во одреден дел од животот чувствуваме некоја возбуда. Возбуда кога ни се раѓа дете, кога правиме свадба за дете, за некој близок. Јас вечерва, со оглед на годината на производството, чувствувам голема возбуда, како кога ми се родија децата“, кажа Копров на крајот од концертот, кога од Скопско лето и од в. д. директорот на Операта Орце Ицковски ја прими плакетата за придонес во музиката.

Наде Талевска (Фото: К. Попов)

Концертот беше одлично осмислен, со најубавите песни на Тоше Проески во првиот блок. Како вчера да се напишани и отпеани „Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, „Во коси да ти спијам“, за кои текстовите ги напиша Огнен Неделковски. Убаво беше да се слушнат во женска верзија, но и „Прости ми“ од Маја Оџаклиевска во машка, од Горан Наумовски. Баладата „Немир“, која ја снимија Каролина и Тоше, Петановска ја испеа во дует со Денис Димовски, а публиката се развесели на „Лиду ду“ и „Сребрени улици“ од Маја Оџаклиевска.

Наде Талевска, која денес е сопран во Операта, својата поп-кариера ја започна со песни од Копров, јавно му се заблагодари и го нарече легенда. Талевска нѐ потсети на хитовите „Лео“ и „Анушка“ од Калиопи и Ана Костовска. Своевремено, оваа песна на Копров одбил да ја пее Здравко Чолиќ, па Ана Костовска ја испеа на југословенскиот избор за Евровизија во 1987. Единаесет години потоа, Копров беше првиот македонски претставник на „Евровизија“ со „Не зори зоро“ на Владо Јаневски.

Владо Јаневски беше специјален гостин (Фото: К. Попов)

„Оваа песна е ремек дело“, рече Јаневски откако ја испеа безвременската „Црно тиквешко“.

„Немојте да мислите дека Копров и јас сме правеле само тажни песни“, кажа Јаневски пред „Еден бакнеж“, а својот дел го заврши со „Чаирска романтика“.

Наде Талевска и Горан Наумовски беа одличен дует во „Остани во мене“ од Калиопи и Ромео Грил, а Петановска и Наумовски во „Љуби ме и главата горе” од Зафир и Сенка. Во публиката коментираа: „Зарем е можно сите овие песни да ги напишал Копров?“.

„Чувствувам голема одговорност што сум вечерва тука и ќе се трудам да ја оправдам. Копров е многу широк човек и еден ден со него во студио е многу интересен. Со оглед на неговото искуство, тој на нас младите пејачи ни дава можност да бираме како една песна ќе звучи, ги прифаќа нашите идеи. Ви посакувам вака да терате до 120, а за назад, ќе му ја мислиме“, му рече Петановска на Копров.

Ана Петановска и Горан Наумовски (Фото: К. Попов)

Концертот заврши со една од најмоќните негови песни, „Не допирај ме“ од Маја Оџаклиевска, за која Петановска рече дека ѝ е омилена. Секој во публиката имаше своја омилена песна од легендарниот композитор, кој на 80 години е неуморен и активно работи. На крајот, го видовме новиот спот на Петановска за песната „Балада за ангелот“, која таа ја испеа на фестивалот „Белградска пролет“, а е снимен во продукција на „Авала филм“ во Белград.

Следна активност на Копров е подготовка на фестивалот Охрид фест, чиј директор е. Фестивалот по 31. пат ќе се одржи на 30 и 31 август на сцената на Долни Сарај.

М. ЏАРОВСКА