ОРКЕСТАРОТ НА ФИЛХАРМОНИЈАТА ЌЕ СВИРИ НА ОТВОРАЊЕТО НА ОХРИДСКО ЛЕТО СО ЛИТВАНСКИОТ ВИОЛИНИСТ РАХЛИН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Оркестарот на Филхармонијата ќе свири на отворањето на Охридско лето на 12 јули на Антички театар од 21 часот.

Фестивалот ќе се отвори со концерт на виолинистот Џулијан Рахлин од Литванија, кој ќе биде и диригент. На програмата се Концертот за виолина и оркестар во е-мол оп. 64 од германскиот композитор Феликс Менделсон и класичната Увертира-фантазија „Ромео и Јулија“ од рускиот композитор Петар Илич Чајковски.

Рахлин првпат настапи со Филхармонијата во 2017, на Божиќен концерт во Скопје. Тој е музички раководител на Симфонискиот оркестар на Ерусалим, шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Кристијансанд и прв гостин-диригент на Филхармонискиот оркестар во Турку. Над 30 години работи како диригент, солист, камерен музичар, педагог и уметнички раководител.