КАВИЈАР СО ЗЛАТНА ПРАШИНА ЗА ЅВЕЗДИТЕ НА ОСКАРОВСКАТА ЗАБАВА

Лос Анџелес, (Ројтерс/Холивуд рипортер)

Сто триесет и седум килограми говедско месо ќе бидат исецкани, 1.500 јајца ќе се искршат и околу 1.400 тапи од шампањско ќе пукнат на вечерата што ќе се одржи по вечерашното доделување на Оскарите, и сето ова според рецептите на славниот готвач Волфганг Пак.

Пак, кој 24 години е готвач на ѕвездите, го објави менито кое ќе се служи на Гувернерскиот бал за 1.500 гости, вклучувајќи ги и добитниците на Оскар.

Ќе биде потребен персонал од повеќе од 1.000 готвачи за да се подготви храната (Фото: Ројтерс)

Театарот „Долби“ собира 3.400 гости, но само 1.500 од нив ќе добијат покана за Гувернерскиот бал.

„Ние сме навистина возбудени и секоја церемонија на Оскари за нас е посебна“, изјави 68-годишниот Пак, роден во Австрија.

Ќе бидат послужени повеќе од 50 различни јадења, вклучувајќи ги и предјадењата со грашок и морков, равиоли со црни тартуфи, школки со кавијар посипани со златна прашина, чаден лосос, црн ориз, супа со кавијар и бел аспарагус и црни тартуфи полнети со ракчиња.

За да се подготви храната, ќе биде потребен персонал од повеќе од 1.000 готвачи.

Ќе се наточат повеќе од 10.900 чаши од 2.400 шишиња вино во ограничена серија, од визбата на режисерот Френсис Форд Копола.

„Сѐ додека Оскарите не се уморни од мене, и јас не сум уморен од Оскарот”. – Волфганг Пак (Фото: Ројтерс)

Во менито има и вегетаријанска и безглутенска храна.

Тимот подготвува 13.000 чаши за пијалоци, 4.800 мали чинии, 4.500 мали садови и 6.000 вилушки.

За десертот, што го подготвуваат 300 слаткари, се предвидени макаронс, чизкејк и чоколадизирани јагоди со крем.

„Сѐ додека Оскарите не се уморни од мене, и јас не сум уморен од Оскарот”, вели Пак.