БЛАГОДАРЕН СУМ ШТО НА 80 ГОДИНИ НОСАМ ЏИНС И ПЕАМ НА ВАКВА СЦЕНА, РЕЧЕ ЖЕЉКО БЕБЕК ВО ОХРИД

Охрид, (СМАРТ СДК.МК)

Песните кои ги одбележаа почетоците на „Бијело Дугме“, а и денес се едни од најбараните кај фановите на култниот сараевски бенд, Жељко Бебек ги отпеа на двата славенички концерти во Македонија. Во средата (17 јули), тој пееше во Битола и сношти (18 јули) во Античкиот театар во Охрид, во организација на продукција „Сцена“.

Рокерот кој во декември ќе наполни 79 години е на регионална турнеја со бендот и слави 50 години кариера.

Бебек е во полна пејачка форма, енергичен е и динамичен на сцената (Фото: Ѓ. Танески)

„Бебек ја пее ‘Селма’ подобро сега отколку пред 50 години“, коментираа во публиката во првите редови во Охрид. И навистина, Бебек е во полна пејачка форма, енергичен и динамичен на сцената. Излегува трчајќи, танцува и скока додека пее. А песните на „Дугме“ сега имаат поголема вредност, особено отакако „Кроација рекордс“ го реиздаде првиот албум, „Битанга и принцеза“ на винил. Придружни вокали на тој албум од 1979 пее и Маја Оџаклиевска.

„Благодарен сум што на 80 години уште носам џинс и можам да пеам на олку убави сцени и пред ваква публика. Јас припаѓам на онаа, постарата генерација. Ајде да ја видам најстарата генерација. Сега, можам ли да ја поздравам средната генерација? А, најсреќен сум што на концертов има многу млада публика“, рече Бебек во Охрид. Неговиот син, Звонимир свири гитара во бендот, и во делот со поновите песни ја испејаа дуетската „Каков татко, таков син“.

„Се радувам што младите денес ја живеат слободата која ја живееме и ние. Времињата се сменија, но размислувањата за слободата не. Ние сме рокенрол генерација, зошто и денешните млади да не бидат?“, кажа Бебек.

Во бендот на Бебек, гитара свири и син му Звонимир (лево) со кој испеа дуетска песна (Фото: Ѓ. Танески)

За бис, ја остави баладата „Заминувам“ (Одлазим) за која рече дека му е една од најдрагите и секогаш со љубов ја пее. Фалеа некои песни од времето на „Бијело дугме“ кои му беа на репертоарот на претходните концерти. Бебек од бендот си замина во 1984, а и по толку години, остана заштитен знак на групата која неодамна се обедини на повратнички концерти, без него.

М. ЏАРОВСКА