ПОКАЖАВ ДЕКА ЗНАМ ПОВЕЌЕ ОД ШУТИРАЊЕ И ДРИБЛАЊЕ, КАЖА КОБИ БРАЈАНТ ОТКАКО ОСВОИ ОСКАР

Лос Анџелес, (Вашингтон пост)

Коби Брајант почна да освојува трофеи и надвор од кошаркарските терени и вели дека чувството е уште подобро.

Петкратниот НБА-шампион со Лос Анџелес лејкерс стана првиот кошаркар во историјата кој освоил Оскар, откако славеше во категоријата краток анимиран филм со „Почитувана кошарко“, поема што ја напиша по повлекувањето од терените во 2016 година.

Тоа е нов трофеј во неговата богата колекција, која вклучува и две олимписки злата и три МВП-награди.

„Чувството е подобро од освојување на првенство. Ова е лудо, навистина лудо“, кажа Брајант.

Тој го прими Оскарот како извршен продуцент и сценарист на филмот, во кој, исто така, е наратор, добивајќи честитки на Твитер од НБА-легендите Меџик Џонсон, Шекил О‘Нил и Бил Расел.

„Не знаев дали е ова можно. Како кошаркар, од тебе се очекува само да шутираш и дриблаш, па мило ми е што покажав дека знам повеќе од тоа. Најтешката работа кога завршуваш со нешто е да си го смириш егото и да почнеш одново. Мора да ги научиш основите на работите“, вели 39-годишниот Брајант.