СПЕЦИЈАЛНИТЕ БАРАЊА НА КРАЛИЦАТА ЕЛИЗАБЕТА ОТКРИЕНИ ВО МЕМОАРИТЕ НА СТЈУАРДЕСА КОЈА ЈА СЛУЖЕЛА ВО 1989

Велика Британија, (Венити фер)

Стјуардесата Елизабет Еванс, која ги служела кралицата Елизабета Втора и нејзиниот сопруг Филип на лет за Сингапур во 1989, напиша мемоари во кои го раскажува искуството со кралската двојка.

Аукциската куќа „Хансонс“ со седиште во Велика Британија ќе започне со наддавање за колекција сувенири на стјуардесата која работела во ВИП одделот на „конкорд“, вклучително и сертификатот кој го добила по услугата на летот на кој била кралицата.

Во 1989, Елизабета Втора и принцот Филип биле на патување во Сингапур. Летале со авион „конкорд“ на редовен лет на „Бритиш ервејс“.

„Елизабета беше високо ценета. Земете го кралскиот лет на ‘Бритиш ервејс’ од 1989. Сувенирите на стјуардесата Еванс вклучуваат доверливи упатства за тоа како да се грижиме за нашата покојна кралица и принцот Филип, сè до слатките што таа ги барала при полетувањето“, рече Чарлс Хансон, сопственик на аукциската куќа.

Кралицата Елизабета Втора при посетата на Барбадос на 8 март 1989 (Фото: Алами)

Според инструкциите, кралицата сакала во нејзината соблекувална да се стави чинија бонбони „веламинтс“ со вкус на нане без шеќер. Исто така сакала да дремне за време на летот и да се напие „мартини“ пред летот.

„Кралските удобности вклучуваа лични перници. Исто така, ако нејзиното височество спиело пред слетувањето, на кабинскиот екипаж му било наложено да не ја вознемирува“, кажа Хансон.

Колекцијата, исто така, вклучува специјална брошура за тогашниот принц Чарлс и принцезата Дијана по нивната венчавка во 1981, заедно со други менија потпишани од Ворен Бити, Клиф Ричард и Били Џин-Кинг. Откако Еванс почина во 2017, колекцијата сувенири отиде кај нејзината внука Џо Смолвуд.

„Бев свесна за некои работи кои Елизабет ги задржа од нејзината кариера во ‘Бритиш ервејс’, но не знаев дека има толку многу. Откако го најдов ова богатство поврзано со кариерата на тетка ми, особено фантастичните патувања со „конкорд“ и служењето на кралицата, ми беше жал што ништо од тоа не ја виде светлината на денот“, кажа Смолвуд.