Музичкиот хроничар Тошо Филиповски од 6 септември ќе одржи серија предавања во САД за историјата на македонската рок музика во периодот од 1963 до 2023. Предавањата почнуваат во Њујорк во галеријата „Ем Си“, а ќе завршат во Атланта на 21 септември.
„Во Америка одам на своја иницијатива и на покана од луѓе од македонските заедници кои се запознати со ова што го работам, па предложија да направам некое предавање за македонската музика. Тоа се надоврза на мојата изложба од лани ‘Шест децении рок музика во Македонија’, па одлучив да направам аудиовизуелно предавање ‘Историја на македонската рок музика 1963-2023″. Министерството за култура ме поддржува само за одењето до Њујорк, предавање во тамошниот Македонски културен центар и враќањето назад. Јас не сакав да биде така, сметајќи дека се фрлени пари само за едно одење до Њујорк и предавање пред нашите таму, па покренав иницијатива да соберам средства“, ни рече Филиповски.
Тој вели дека со донации од стотина Македонци кои живеат низ светот ќе успее да ги покрие трошоците за сместување, храна и простори за аудиовизуелни предавања.
„Не успеав да најдам спонзор, ниту Министерството сакаше да го помогне овој дел од турнејата. Сѐ се сведе на мој личен ентузијазам и средства собрани преку донации“, вели Филиповски.
Одењето во САД тој ќе го искористи за, како што вели, две важни средби и донации во Конгресната библиотека во Вашингтон и во Рокенрол куќата на славните во Кливленд.
М. ЏАРОВСКА