Симон Трпчески со квинтетот „Македонисимо“ ќе одржи концерт на 6 септември во Делчево, на летната сцена во Градскиот парк од 20 часот. Во квинтетот Александар Краповски свири виолина, Александар Сомов е на виолончело, Хидан Мамудов свири кларинет, саксофон и кавал, а на удиралки е Влатко Нушев, кој е роден во Делчево.
Концертот е организација на Општина Делчево во соработка со КултурОп и се одржува во чест на 80-годишнината од ослободувањето на градот. Како и сите досегашни концерти на Трпчески на отворено, и овојпат влезот е бесплатен.
Трпчески го промовираше проектот „Македонисимо“ во 2022 во струшко Збажди, родното село на татко му. Концерти со истиот проект имаше и во Скопје, Штип, Битола, Дојран и во родното село на мајка му, Секирник, Струмичко.
„Македонисмо“ за светскиот пазар излезе како албум во издание на британската етикета „Лин рекордс“. Проектот на оригинален начин ја обработува македонската народна музика, а автор е македонскиот композитор Панде Шахов.
Трпчески деновиве имаше два концерта на отворањето на сезоната на Симфонискиот оркестар на Дизелдорф, а третиот ќе се одржи вечерва (2 септември).