Кинотеката на Северна Македонија ќе одбележи важни јубилеи во домашната кинематографија во својата програма за следниот месец. Таа ќе потсети на неколку домашни играни и документарни остварувања кои оваа година бележат јубилеи од своите премиери, почнувајќи од 30 години на „Пред дождот“ (фото) на Милчо Манчевски.
„Пред половина век Столе Попов го сними ‘Оган‘, а пред 45 години и ‘Дае’, кој беше југословенски кандидат за Оскар во категоријата на кратки документарни филмови. Тука ќе се потсетиме и на првенецот на Љубиша Георгиевски и Миомир Мики Стаменковиќ, ‘Под исто небо‘ од 1964, како и на комитската драма ‘Нели ти реков‘ (1984) на Стево Црвенковски“, велат од Кинотеката.
Во октомври ќе се прикажат и филмови на Ален Делон, Марчело Мастројани и Кери Грант, а Кинотеката ќе ѝ оддаде почит и на неодамна почината македонска актерска легенда Снежана Стамеска, во чија чест ќе се прикаже филмот „Жед“ од 1971.
Програмата за октомври го опфаќа е Фестивалот на планински филмови Ехо, а посебен осврт ќе има на кинематографијата на Романија.