Влатко Лозаноски-Лозано сними нова песна со наслов „Жолто црвено“, за која вели дека е напишана според вистинска животна приказна. Поп-пејачот додава дека новата песна ќе допре до многумина кои живеат во Македонија.
„Песната е создадена според вистинска животна приказна. На една од моите турнеи минатата година се запознав со еден нашинец, кој во неврзан разговор ми ја раскажа неговата животна приказна. Во тој момент, освен што ја ислушав, не ѝ дадов многу на значење, но по некое време почнав сѐ повеќе да размислувам за создавање песна инспирирана од тој краток разговор. Со авторите Лазар Цветкоски и Магдалена Цветкоска-Ена долго работевме на овој проект, свесно не сакавме да брзаме, за да може и ние лично да се вклучиме во самата приказна”, вели Лозано.
Тој и братот и сестрата Цветкоски се автори на текстот, а музиката и аранжманот се на Лазар Цветкоски, еден од нашите најпознати композитори и долгододишен соработник на Лозано.
За песната е снимен и спот во режија на Даниел Јовески, а во него играат Андреј Пајмакоски, Ива Цацкова, Христијан Проданов, Љупчо Андрески и Тирјакија Јовеска. Спотот е снимен на повеќе локации, а една од нив е Офицерскиот дом во Битола.
М. ЏАРОВСКА