Вториот дел од концертот „Легендите живеат вечно“ сношти (4 октомври) во Филхармонијата помина успешно како ланското издание. Во придружба на Битолскиот камерен оркестар, песни од пејачи и композитори кои се починати пееја Ристо Самарџиев, Ивона Јо, Наде Талевска и Тамара Волческа.
„Богат е оној народ кој се грижи за своите ќерки и синови. Легендите оставиле многу песни и стихови зад себе. Наша задача е да ги споменуваме и да ги пееме песните“, рече Ристо Самарџиев и раскажа дека го запознал неговиот идол Јонче Христовски кога бил многу мал.
„Го запознав Јонче најрано од сите овие легенди чии песни ги пееме денес, на шест години. Тој тогаш ми беше идол и остана мој идол“, кажа музичарот. Како што лани беше Ламбе Алабаковски, Самарџиев на ова издание ги испеа патритоските песни.
„Заветна“ од Пепи Бафтировски многумина ја преработуваат последниве години, а на Самарџиев најмногу му лежи. Пее од срце, има впечатлив сценски настап и ненаметливо ја повикува публиката да му се придружи, па сите во салата го следеа од прв до последен стих. Штета е што вокал како него не настапува почесто во живо. Самарџиев ги испеа и „Ако умрам ил’ загинам“ од Јонче Христовски и „Штом ноќва помине“ од Гоце Арнаудов, хитови од Зафир Хаџиманов, Драган Каранфиловски- Бојс и „Кога патувам“ од неговито другар Влатко Илиевски кој своевремено ја испеа како вокал на групата „Морал“. Самарџиев се присети на дружењата со Илиевски со гитарите, кога ги пееле нивните заеднички песни.
Бисер на секој концерт е Наде Талевска, кај неа нема лоша или само добра изведба. Таа е секогаш перфектна, без оглед дали ја пее „Свирете ја зајди зајди“ во чест на нејзиниот автор Драган Вучиќ или „Ај засвиретѕе ми чалгии“. Одличен избор за Талевска беше „Мојата серенада“ од Гоце Николовски.
Тамара Волческа и Ивона Јо направија убав трибјут на Тоше Проески и на Аки Рахимовски. Одлична преработка на „Ако згрешам нека изгорам“ направи Ивона Јо.
„Бисер балкански“ која лани ја испеа Ламбе Алабаковски и публиката со овации го испрати откако клекна на колена, овојпат ја отсвире оркестарот со кој диригира Владимир Димовски, во инстриментална верзија. Концертот кој го организираше продукција „Прагма“ заврши со публиката на нозе и „Едно име имаме“ која заеднички ја испејаа сите пејачи.
М. ЏАРОВСКА