ДВЕ УНИКАТНИ ИЗЛОЖБИ ЗА ОТВОРАЊЕ НА МОДНИОТ ВИКЕНД СКОПЈЕ НА 25 ОКТОМВРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 25 октомври во креативниот центар „Лабораториум“ во Скопје ќе се отворат две изложби со кои ќе почне Моден викенд Скопје.

Од 19 часот, Амбасадата на Шведска ја организира изложбата „Модата засекогаш“ (Fashion.Forever). Изработена од Шведскиот институт, таа ќе прикаже преработена облека, конципирана, дизајнирана и произведена од четири текстилни средни училишта во Македонија. Облеката потоа ќе ја носи амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Џеин.

Од 20 часот е изложбата „Масакас“, поддржана од Британскиот совет. Ќе се прикажат дела на модниот бренд „Ворм метал“ на македонската дизајнерка Теодора Митровска, која живее и работи во Лондон и на младиот британски уметник Хуго Виндер-Линд. Изложбата е најавена како визуелно патување кое ги истражува тенките граници помеѓу културите и идентитетите, а ќе биде отворена и на 26 и 27 октомври.