„ПАРНИ ВАЉАК“ И „ДЕЦА ИЗ ВОДЕ“ ЌЕ СЕ СПОЈАТ ВО ЕДЕН КОНЦЕРТ НА 30 НОЕМВРИ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Лидерот на хрватската рок-група „Парни ваљак“, Хусеин Хасанефендиќ-Хус, ќе се придружи на сцената на концертот на српскиот трибјут бенд „Деца из воде“ на 30 ноември во салата „Јане Сандански“ во Скопје.

„Авалон“ претходно најави два концерта во оваа сала на истиот датум. Едниот е во чест на Милан Младеновиќ, фронтменот на култната белградска група „Екатарина Велика“, насловен „Како да беше пред 30 години – Милан Младеновиќ меморијал“, а другиот на „Парни ваљак“. Сега двата настана се спојуваат во еден, поточно со еден билет ќе може да се гледаат и двата концерти од 20 часот.

Прво настапува „Деца из воде“, на кој ќе гостуваат српскиот актер и музичар Срѓан Жика Тодоровиќ и Тања Јовиќевиќ од групата „Октобар 1864“. На една песна ќе им се придружи и Хасанефендиќ, во чест на соработката со Маргита Стефановиќ-Маги, која свиреше клавијатури на албумот на „Парни ваљак“, „Покрени се”.

„Парни ваљак“ во Скопје доаѓа со новиот пејач Игор Дрвенкар, кој го наследи легендарниот Аки Рахимовски, кој почина во 2022. Хрватската јавност го познава 31-годишниот Дрвенкар од телевизиски музички емисии, пеел во неколку бенда, а настапувал и во мјузикли.

Влезниците се во продажба онлајн на ticketx.mk и неговата продажна мрежа низ Македонија.

(Фото: Фејсбук)