ЌЕ БИДАМ ДОМА ЗА БОЖИЌ, ЕМОТИВНО ПЕЕЈА СИМОН И ЛАРА ТРПЧЕСКИ НА ПРАЗНИЧНИОТ КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Од „Танцот на цвеќињата“, преку „Аве Марија“, „Турски марш“, „Сербез Донка“, па до Френк Синатра, пијанистот со светска кариера Симон Трпчески и пријателите ѝ приредија на македонската публика ретка привилегија да се ужива во празнична атмосфера, на синоќешниот (20 декември) новогодишен концерт во скопскиот спортски центар „Борис Трајковски“.

Концертот беше поделен во три дела (Фото: Ѓ. Личовски)

„Вечерва сме во еден простор во кој сме биле сведоци на многу успеси на Македонија и за Македонија и вечерва ќе имате можност да го проследите овој новогодишен концерт со македонски уметници. Се радувам на сите прекрасни уметници кои ќе ни се приклучат вечерва и на ова време, кое е бериќет и на сите кои дојдовте во олкав голем број. И да врне и да вее, Македонецот добар абер носи. Вечерва ќе го славиме животот, ќе ја славиме музиката“, рече маестро Трпчески на почетокот на концертот.

Трпчески, Бафтијари, Кичевска-Шокаровска и Ковачевски (Фото: Ѓ. Личовски)

Концертот беше поделен во три дела. Во првиот, Трпчески заедно со колегата Шкезен Бафтијари свиреше свита од балетот „Оревокршачка“ од Чајковски, а публиката уживаше во сценскиот настап во кореографија на Саша Евтимова, на првенците на Националната опера и балет (НОБ), Марија Кичевска-Шокаровска и Бобан Ковачевски, заедно со дел од ансамблот на Балетот и млади балерини од нижото балетско училиште при МБУЦ „Илија Николовски-Луј“.

Сопранот Гонца Богоромова-Краповска и баритонот Иван Наумовски беа гости во делот со арии, а третиот дел Трпчески го изведе со колегите од успешниот музички проект „Македонисимо“.

Сопранот Гонца Богоромова-Краповска (Фото: Ѓ. Личовски)

„Привилегија е да се биде музичар, да се живее со музиката. Другите професии можат да ни позавидат“, рече Трпчески со својот препознатлив хумор, докажувајќи се како миленик на македонската публика, која секогаш е почестена да биде дел од неговата виртуозност меѓу светските настапи.

Младите балерини од нижото балетско училиште при МБУЦ „Илија Николовски-Луј“.(Фото: Ѓ. Личовски)

„Моите синови ме прашаа: ‘Тато, кога ќе бидеш дома цел месец?’ Им реков дека од 15 декември ќе бидам дома цел месец. Најважна е поддршката од семејството“, рече Трпчески пред да го најави емотивниот блок божиќни песни со неговата талентирана ќерка Лара.

„Има една личност која дома е задолжена за плеј листата и ни ја прави атмосферата топла со овие песни“, рече Трпчески за ќерката.

Трпчески и баритонот Наумовски. (Фото: Ѓ. Личовски)

Таткото и ќерката уживаа на сцената во дуетот на „I’ll Be Home For Christmas“ од Френк Синатра и беа совршен вовед во финалето со Андријана Јаневска и хитот на Мараја Кери, „All I Want For Christmas Is You“ и Радецки марш од Јохан Штраус.

Концертот го организираше „Прагма продукција“.

Б. НЕСТОРОСКА