БЕВ ШВЕДСКА АМБАСАДОРКА НА ЕДЕН ДЕН И МИ СЕ ОСТВАРИ СОНОТ, ВЕЛИ СРЕДНОШКОЛКАТА МИЛА ЃОРЃИЕВСКА ПО АКТИВНОСТИТЕ СО АМБАСАДОРКАТА АМИ ЛАРСОН ЏАИН

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Скопската средношколка Мила Ѓорѓиевска беше Шведска амбасадорка на еден ден, проект кој секоја година го прави Шведската амбасада во Скопје. 16-годишната Мила која е избрана на претходен конкурс помина еден ден со амбасадорката Ами Ларсон Џаин и вели дека е воодушевена од ова искуство од кое многу научила.

„Навистина уживав во мојот ден со Мила и ја слушав како ги споделува своите искуства како млад човек. Таа самоуверено и артикулирано ги сподели своите размислувања за правосудниот систем и владеењето на правото со претседателката Гордана Силјановска-Давкова во Вила Водно. Бев навистина импресионирана од нејзините вештини на јавно говорење. На Националната конференција во Велес за унапредување на правата, инклузијата и зајакнувањето на жените и девојките со попреченост, таа одржа говор покрај Претседателката, министерот за социјална политика, демографија и млади и евроамбасадорот, и тоа го направи како да држи говори со децении“, ни рече шведската амбасадорка.

Мила Ѓорѓиевска со шведската амбасадорка Ами Ларсон Џаин во Амбасадата (Фото: К.Попов)

Во агендата, таа и Мила Ѓорѓиевска имале средба и со Европската делегација и посета на Куќата на Европа.

„Имавме навистина преполна агенда која верувам дека ѝ овозможи на Мила поглед одблизу и реални сознанија за тоа како честопати изгледа работниот ден на еден амбасадор, исполнет со состаноци и настани. Ручек ни беше сендвич во автомобилот. Верувам дека и двете научивме многу. Споделив со неа како функционира една амбасада, каква е улогата на амбасадор. Се надевам дека таа разбра дека, кога таа како млада девојка прави да ѝ се чуе гласот на теми кои се битни за неа, тоа се цени и вреднува“, додава Ами Ларсон Џаин.

Мила Ѓорѓиевска е трета година во училиштето „Васил Антевски – Дрен“ економска насока. Вели дека родителите ѝ дале поддршка да се пријави на конкурсот во Амбасадата, а за неа ова бил многу возбудлив ден. Мила течно зборува англиски, германски и албански јазик.

„Да се биде амбасадорка на еден ден буквално значи да се исполнат и спроведат во целост сите работни обврски на еден амбасадор кои се прилично динамични и вклучуваат неколку состаноци во текот на денот, средби со државни функционери, посета на манифестации, конференции и слично, на кои амбасадорот најчесто дава свој збор. Токму вака изгледаше мојот ден во улога на амбасадорка на Шведска. На почетокот, се запознав со персоналот и вработените во Шведската амбасада, дел од нив се Швеѓани, дел Македонци и од други припадности, па оттука во Амбасадата се говорат истовремено англиски, шведски, македонски и други јазици. Потоа, отидовме на средба во Вила Водно и заедно со Претседателката Гордана Силјановска- Давкова разменивме мислења околу едукативниот систем во земјава и како би можел да се подобри преку модернизација на наставата, воведување на нови методи за учење, како и подобрување на пристапот до образование за сите.  По средбата со претседателката, присуствувавме на националната конференција  ‘Заедно сме посилни’ во Велес на која амбасадорката Ами Ларсон Џаин и јас како амбасадорка на еден ден, дадовме збор на теми поврзани со родовата еднаквост и правата на жените со попреченост и жените од руралните средини“, вели Мила Ѓорѓиевска.

За неа е многу значајно што имала средба со претставници на Европската куќа  со кои зборувале дека е важно да се даде можност на македонската младина за развој на лидерски вештини, активно учество во заедницата и поддршка за иновации и претприемништво.

Говорот на Мила Ѓорѓиевска на националната конференција  ‘Заедно сме посилни’ во Велес (Фото: Шведска амбасада)

„Одлично беше да се види колку длабоко таа се грижи за важни прашања како што се судскиот систем, еднаквоста и еднаквите можности, како и за потребата од реформи и напредок. Од Мила научив дека таа сака да остане во Македонија за да студира и да инвестира тука за да постигне подобро општество за неа и нејзините врсници. Да се работи заедно со Мила беше навистина инспиративно искуство за мене, и беше повторна потврда на она што го гледам овде, младите имаат многу да понудат“, додава шведската амбасадорка.

За неа, младите во Шведска и во Македонија не се толку различни.

„Се разбира, постојат културни разлики, но сите тие споделуваат слични соништа, слични предизвици и се грижат за слични прашања. Сите тие сакаат да живеат во поправедни, мирни, поеднакви општества, а многумина длабоко се грижат и за животната средина. Никогаш не престанува да ме вчудоневидува колку младите овде се паметни, иновативни, способни, со претприемачки дух, енергични и страсни. Има толку голем потенцијал кај младите овде, а општеството треба да создаде повеќе можности и повеќе простор за младите луѓе понатаму да го развиваат и инвестираат својот потенцијал. Мислам дека на младите не им треба построго воспитување, мислам дека треба да се слушаат и да им се даде доверба и тие да придонесат за промени во општеството, во области за кои се страстни“, вели Ами Ларон Џеин.

„За да создаде повеќе и подобри можности за младите, земјата мора да ги спроведе потребните реформи во многу области како што се владеење на правото, борба против корупцијата, економско зајакнување, зелена агенда, подобра здравствена заштита и образование, родова еднаквост, да наведам само неколку. Учеството на младите во сите овие процеси е многу важно, од една страна затоа што имаат што да понудат од аспект на знаење, вештини, перспектива, а од друга, со цел да се создаде чувство на сопственост, како и да се обезбеди одржливост на процесите. Инвестирањето во, и ангажирањето на младите не само што ќе биде од корист за младите, туку и за целото општество“, додава амбасадорката и се сеќава каква била таа како млада.

Во агендата, амбасадорката Ами Ларсон Џаин и Мила Ѓорѓиевска имале средба и со Европската делегација и посета на Куќата на Европа (Фото: Шведска амбасада)

„Кога имав 14 години, го посетив седиштето на ОН во Њујорк. Ни беше прикажана комората на Советот за безбедност и насекаде во зградата се зборуваше на различни јазици. Тогаш решив дека сакам да се обидам да имам кариера во некоја форма на меѓународни односи или дипломатија. Отсекогаш сум ги сакала јазиците, како и да учам за другите земји и односите меѓу нив. Оттогаш, имам среќа што можам да градам кариера во дипломатијата и горда сум што ја претставувам работата што ја врши Амбасадата во Северна Македонија и вредностите што ги претставува Шведска “, вели Шведската амбасадорка.

Во наредниот период, заедно со Европската делегација и Куќите на Европа низ земјава, Ларсон Џаин најавува интересна активност за демократијата и локално управување наречена „Елекшнвил“.

„Тоа е игра со улоги во која учесниците, ученици од трета и четврта година од средно образование кои ги преземаат улогите на општински советници и го водат фиктивниот град Елекшнвил. Учесниците, кои претставуваат политички партии или независни советници, избрани од граѓаните да го претставуваат Советот на општината, избираат приоритетни области и управуваат со градот. Тоа е шанса за младите да научат за демократијата, и можностите и предизвиците што ги носи управувањето со општина. Низ играта, тие учат да преговараат, да формираат коалиции, да распределуваат ресурси, да гласаат и да донесуваат одлуки на општинскиот совет. На крајот од играта, секој тим се оценува колку добро ги исполнил своите приоритети, односно изборните ветувања, но играта исто така оценува колку успешно сите тимови и играчи управувале со градот и неговиот буџет“, вели Шведската амбасадорка.

Овој пат, „Елекшнвил“ ќе се игра во натпреварувачки формат со шест натпревари одиграни во шесте Куќи на Европа низ земјава, а најдобриот тим од секој град ќе се приклучи на финалето што ќе се одржи во Скопје.

Мила Ѓорѓиевска вели дека кај нејзината генерација би сменила некои од ставовите и пристапите, особено кога станува збор за упорноста и издржливоста.

„Младите се откажуваат брзо при првите потешкотии и наместо да се борат и продолжат да се развиваат, се одлучуваат да заминат во странство“, вели Мила Ѓорѓиевска (Фото: К.Попов)

„Често забележувам дека многу млади се откажуваат брзо при првите потешкотии и наместо да се борат и продолжат да се развиваат, се одлучуваат да заминат во странство, барајќи нешто што веќе го нуди Македонија. Искрено би сакала мојот пример да биде инспирација за другите млади за да покажам дека ништо не е невозможно кога човек е амбициозен, упорен и има јасно поставена цел пред себе. Сметам дека најмногу придонесувам за моето училиште и моите соученици преку Ученичката Заедница при училиштето и новото КО – МЕНАЏМЕНТ тело, на кое сум и лидер. Преку овие тела се организираат училишните наставни и воннаставни активности. Учествувам и во голем број воннаставни активности како што се ораторскиот клуб при моето училиште, ИМАМ СТАВ, активност организирана од Парламентот, Еразмус проекти, а исто така волонтер сум во Црвен Крст“, вели средношколката.

 М. ЏАРОВСКА