Андријана Јаневска вели дека го имала емотивно најтешкиот настап досега, пеејќи го хитот „Ако утре ме нема“ од „ДНК“ на концертот посветен на Тоше Проески „Засекогаш во срцата“, што се одржа на 5 април во Битола.
Ова беше седмиот концерт на Камерниот оркестар на Битола со хитовите на Тоше, а оваа година се пееја и песни од „ДНК“, во чест на трагично загинатите во пожарот во Кочани на 16 март. Во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ што изби на концертот на „ДНК“ загинаа 60 луѓе, од кои 6 деца, а повредени се околу 200 од кои 25 деца. Загинаа и шестмина членови на групата.
Јаневска го испеа најголемиот хит на „ДНК“ во нов аранжман, прилагоден за камерен оркестар, со кој диригираше Владимир Димовски.
„Ми беше многу тешко, затоа што цело време ми беа во мислите моите пријатели од ‘ДНК’, како и сите млади кои ги загубивме во страшната трагедија. Со ‘ДНК’ ме врзуваат многу спомени, многу музика, многу љубов, другарувања, патувања. Секој стих од песната ми одекнуваше во мислите како ехо од нашето пријателство. Ова не беше само настап, ова беше мој личен начин да им оддадам почит, да им се заблагодарам и да ги прегрнам уште еднаш преку песната“, ни рече Јаневска, која во февруари имаше настап со аренби дуото во Диселдорф, Германија.
Андријана Јаневска беше пријателка и колешка со Сара Пројковска, професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што предава и таа. Пројковска, која загина во пожарот во Кочани, пееше придружни вокали за „ДНК“. Во пожарот загинаа и пејачот на „ДНК“, Андреј Ѓорѓиески, гитаристот Александар Коларов, тапанарот Ѓорги Ѓоргиев, клавијатуристот Филип Стевановски, инаку директор на Центарот за култура во Штип и Мартин Атанасовски, кој настапуваше со бендот како битбоксер.
На концертот „Засекогаш во срцата“ со песни од Тоше настапија Наде Талевска, Димитар Андоновски, Ана Петановска, Ѓоко Танески, Бојан Стојков, Горан Наумовски, Јасна Димитровска, Мина Блажев, Марија Митровска, Ангела Илијовска, поп- рок хорот „Битвокс“ и тинејџрскиот хот „Попрокет“ под водство на Марина Коруновска. Публиката ја разнежи настапот на децата од Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух и говор „Кочо Рацин“ од Битола, кои ја отпеаја песната „За овој свет“.
М. ЏАРОВСКА