Култниот американски независен режисер Марк Рапапорт ги депонираше сите негови филмови во архивата на Кинотеката на Македонија, во соработка со неговиот дистрибутер „МИ филм“.
„Ова претставува огромна чест за македонската филмска институција и значаен придонес за збогатувањето на архивскиот фонд со автор кој се смета за еден од најзначајните гласови на американската независна сцена“, велат од Кинотеката.
Активен од 1960-тите, Рапапорт (83) е познат по своите иновативни и експериментални филмови кои ги истражуваат границите помеѓу фикцијата и документарното. Во 1990-тите се насочил кон нова филмска форма – видеоесеј, создавајќи револуционерни дела кои комбинираат архивски материјали, фиктивна реконструкција и интелигентна нарација.
Рапапорт е и филмски писател. Од 1994 објавува фикции и есеи на француски јазик во познатото списание „Трафик“, а во 2008 ја објави книгата „Филмофилот кој знаеше премногу“. Минатата недела, издавачката куќа „МИ филм“ ја објави неговата нова книга „Book of Dreams“, која е достапна за продажба во Кинотеката.
Како дел од оваа соработка, до крајот на оваа година ќе биде организирана селектирана ретроспектива на делата на Рапапорт во Кинотеката.