ДРАМСКИ ТЕАТАР НЕ ЈА ДОДЕЛИ НАГРАДАТА „ГОРАН СТЕФАНОВСКИ“ ОТИ ПРИСТИГНАЛЕ НЕДОРАБОТЕНИ ТЕКСТОВИ ОД МЛАДИ АВТОРИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поради недоработени драмски текстови кои пристигнале на конкурсот, Драмскиот театар од Скопје одлучи да не ја додели наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од автор до 30 години. По воспоставувањето на наградата „Горан Стефановски“, годинава за првпат беше распишан ваков конкурс.

Како што кажаа на денешната прес-конференција директорот на Драмски театар Роберт Вељановски и претседателката на Комисијата Викторија Рангелова-Петровска (фото), на конкурсот пристигнале четири апликации и Комисијата во состав Рангелова-Петровска, Жанина Мирчевска (драматург), Венко Андоновски (книжевен теоретичар), Дејан Лилиќ (актер првенец) и Димче Николовски (режисер) по анализа на доставените дела едногласно одлучила наградата „Горан Стефановски“ да не се додели.

„На конкурсот за наградата ‘Горан Стефановски’, распишан на 5 февруари 2025, доставени се четири драмски текста од четворица автори. Комисијата аналитично и детално ги разгледа драмските дела кои се доставени во рокот и ги исполнуваат условите согласно со објавениот конкурс. Авторите на доставените драмски текстови обработуваат различни теми, инспирирани од различни општествени состојби. По формата и структурата, драмските текстови во најголем дел се обидуваат да ги следат класичната драмска структура и затворената форма, но не успеваат докрај да изградат цврста драмска целовитост. Драмските ликови/карактери не се јасно дефинирани и развиени во однос на ситуациите во кои се поставени. Дијалогот во драмските дела (во некои помалку, во некои повеќе) не е во целосна функција на отсликување на карактерите и не придонесува за развојот на драмското дејство. Комисијата заклучи дека доставените драмски материјали се развиени до ниво на драмски скици/зачетоци, на кои им е потребна доработка за да прераснат во квалитетни драмски текстови. Одлуката да не се додели наградата не треба да се толкува како дестимулативен потег. Напротив, Комисијата верува во потенцијалот и квалитетот на младите автори и во нивната способност да испишат квалитетни драмски текстови“, стои во образложението на Комисијата.

Комисијата предлага да се објави нов конкурс на 28 април, на кој авторите ќе треба да ги достават драмските текстови најдоцна до 1 февруари 2026. Резултатите ќе бидат објавени на 2 април 2026, денот на раѓањето на Горан Стефановски.

(Фото: Драмски театар)