ИРСКОТО ШОУ „ГОСПОДАР НА ТАНЦОТ“ ВЕЧЕРВА ВО „БОРИС ТРАЈКОВСКИ“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Триесет и четири танчари од ирската трупа „Господар на танцот“ ќе настапат вечерва (20.15 часот) во скопската ВИП арена „Борис Трајковски“, во организација на фестивалот „Таксират“ и „Пасворд продукција“.

Пред нив, во 19.30 часот, настанот ќе го отвори националниот ансамбл за народни песни и ора „Танец“. Вратите на „Борис Трајковски“ ќе бидат отворени од 19 часот.

Танчарската атракција во Скопје се враќа по 10 години, овој пат со новото шоу „Опасни игри“, што ја претставува неверојатната авантура во борбата помеѓу доброто и злото.

„Комбинацијата на музика и танц ќе ја долови магичната приказна, чии традиционални вредности се релевантни и во современиот контекст. За тоа ќе придонесе и најсовремената технологија, што ја збогатува сценографијата со многу специјални и светлосни ефекти и видео-проекции, покрај танчари и врвни акробати од светски калибар“, најавува „Пасворд“.