Претставата „Егзистирање“ на Скопје танцовиот театар вечерва во 20 часот премиерно ќе се изведе во Денсинг салата во Младинскиот културен центар (МКЦ), како дел од Танц фест Скопје.

Претставата се состои од три кратки кореографии и тоа: „Што се случи со… мене? “ на Јкуб Мунко, „БЕЗ Стоп“ на Матеа Киселичка и „Егзистирање“ на Рисима Рисимкин.

„Трите кореографии се обединети околу темата на егзистирање и кои се предизвиците денес, особено за младите луѓе: кој си, што си, како се снаоѓаш во секојдневните мешаници и притисоци? Каде си?“, велат од фестивалот.

Во претставата настапуваат танчарите Јована Зајкова, Сара Цветковска, Тереза Лазарев, Артемиса Морина и Бобан Русески, кои се подмладокот на Скопје танцовиот театар.

„Егзистирање“ на 16 април ќе гостува во Народниот театар во Велес, а на 19 април ќе ја отвори платформата на девет европски танцови академии и универзитети, насловена „Сподели“, во која ќе учествуваат преку сто млади уметници од Австрија, Словачка, Полска, Летонија, Литванија, Унгарија, Чешка и од Македонија.