РОБЕРТ СМИТ ПОТВРДИ ДЕКА „КЈУР“ РАБОТАТ НА НОВ АЛБУМ

Лондон, (Би-Би-Си)

Фронтменот на „Кјур“, Роберт Смит, потврди дека групата влегува во студио наредниот месец за да сними демо-верзии на нови песни, навестувајќи го првиот албум по десет години пауза.

Како што кажа во интервјуто за „Би-Би-Си 6 мјузик“, одлуката повторно да го собере бендот била инспирирана од неговиот ангажман како куратор на годинашното издание на фестивалот „Мелтдаун“ во Лондон, што ќе се одржи во јуни.

„Во изминатите шест месеци преслушав нова музика повеќе од кога било. Наеднаш повторно се вљубив во идејата да пишувам нови песни, така што тоа навистина имаше голем ефект врз мене. Резервиравме термини во студио за да снимиме неколку демо-верзии наредниот месец. Некои од нив се многу добри, некои не толку. Никогаш не сум сакал да се ставам во позиција да пишувам на сила, така никогаш не сум се чувствувал пријатно“, изјави 58-годишниот Смит.

Тој го оформи „Кјур“ во 1976 година и иако бендот е постојано активен оттогаш, последниот, 13. студиски албум го издаде уште во 2008 година.