РЕШИВ ДА НЕ ЗАБАВУВАМ СО РАБОТАТА ПО СРЦЕВИОТ УДАР, ВЕЛИ БАНДЕРАС ЗА УЛОГАТА НА ПИКАСО

Лондон, (Гардијан)

Антонио Бандерас неодамна во Будимпешта го заврши снимањето на ТВ-серијата од десет епизоди „Генијот Пикасо“, во која го игра славниот шпански уметник Пабло Пикасо. На последниот ден ја снимиле смртта на Пикасо во 1973 година во неговата вила во Франција, која била реконструирана на периферијата на унгарскиот главен град.

Периките, шминката и протезите кои го трансформирале во 91-годишниот уметник биле отстранети. За да биде Пикасо, лицето на Бандерас морало да биде како празно платно. Неговата глава била избричена, како и веѓите.

„Многу сум уморен. Но, уморот е мојата природна состојба”, вели тој во интервјуто за „Гардијан“.

Петмесечниот проект не помогнал многу во неговата летаргија.

Бандерас ветува дека во серијата ќе бидат прикажани сите страни на уметникот: генијалец, татко и самопрогласен минотаур (Фото: Национална географија)

„Постојат два вида замор: замор на денот, бидејќи доаѓав во четири часот наутро на сет за да почне четиричасовниот процес на шминкање и долгорочен замор, кога мислиш на обврските до октомври, на пример“, додава тој.

Напорно било и пресоблекувањето, бидејќи биле искористени над 100 парчиња облека, кои требало да го отсликаат деветдеценискиот живот на Пикасо.

Режисерот Рон Хауард вели дека Бандерас бил природен избор за улогата на Пикасо, стартувајќи од тоа дека и двајцата се од Малага. Бандерас ветува дека во серијата ќе бидат прикажани сите страни на уметникот: генијалец, татко и самопрогласен минотаур.

„На крајот на краиштата, гледачот сам ќе донесе одлука за Пикасо“, вели шпанската ѕвезда.

„Генијот Пикасо“, чија премиера ќе биде на 23 април на „Национална географија“, е првиот голем проект на Бандерас по срцевиот удар што го имаше лани во јануари.

„Да бидам искрен, беше многу страшно. Тоа беше нешто што го знаев отпорано, но сега многу јасно го согледав: дека смртта е многу реална. Престанав да пушам, спортувам, ги земам редовно лековите, препорачани од лекар. Мислев дека ќе престанам да работам толку многу, но, сепак, решив да не забавувам. Ова е мојот живот. Не сакам да го живеам животот како да сум веќе мртов“, открива актерот.