По половина година, хит претставата „Синиот портокал“ повторно се враќа на сцената и велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе ја изведе вечерва (18 јули) во Демир Хисар на тамошното Културно лето. Ќе се игра од 20 часот во Центарот за култура.
Претставата е една од најдолго играните на Велешкиот театар, со 101 изведба до средината од јануари. По смртта на актерот Самоил Стојановски, претставата беше на пауза.
„Имаме долг кон публиката, која ја бара претставата и секогаш се игра пред распродадена сала. Во договор со режисерот Александар Ивановски, тој го избра Благојче Стојанов да биде д-р Роберт. Веќе две седмици се пробите во новиот состав“, кажа Жарко Спасовски, директор на Велешкиот театар и еден од актерите во претставата, заедно со Фаик Мефаиловски.
„Синиот портокал“ имаше премиера на 10 април 2017. Приказната е за двајца психијатри кои се обидуваат да се справат со млад шизофрен пациент Ерџан. Автор на текстот е британскиот писател Џон Пенхол.
П. ПЕЧКОВ