Својата прва книга „Rock N`Beat“ новинарот и музички критичар Михајло Грбевски-Мишко ја промовираше во Охрид, во културниот центар „Култ“.
Книгата е поделена во четири поглавја со педесетина интервјуа со домашни и странски музички ѕвезди, како Кирил Џајковски, Влатко Стефановски, Горан Трајковски, Горазд Чаповски, „Суперхикс”, „Д’Далтонс”, „Бла, бла, бла”, Душан Којиќ-Која од „Дисциплина кичме“, Зоран Предин од „Лачни Франц“, Миле Кекин од „Хладно пиво“ и други.
„Дел од неговиот избор за првата книга се и легендарни светски музичари, како Џони Ротен од ‘Секс пистолс’, Ијан Гилан од ‘Дип парпл’, Дејвид Ковердејл од ‘Вајтснејк’, Били Гибонс од ‘Зи-Зи Топ’, Ал ди Меола и други. Интересно е што книгата е поделена на четири поглавја: ‘Рок-пролет’, ‘Вечен бунтовник’, ‘Валкан Балкан’ и ‘Звукот на подземјето‘“, рече на промоцијата театарскиот инспициент Филип Ангеличин-Жура и додаде:
„Ова не е класична промоција, сфатете го како подкаст со публика, но без камери“.
Авторот Грбевски рече дека има уште многу интервјуа кои не се вклопиле во концептот на оваа книга.
„Моето прво интервју беше со Кирил Џајковски и тоа беше неизбежен дел од книгата. Има многу кои не се во неа. Ова е само почеток на она што имам намера да го правам во наредните години. Во план ми е да објавам и книги со други новинарски форми, како што се рецензии на концерти и албуми“, рече Грбевски.
Интервјуата биле објавени во повеќе печатени медиуми во кои работел, како „Екран“, „Време“ и „Нова Македонија“.
М. ЏАРОВСКА