Денеска (10 септември) во 19 часот, во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје ќе се отвори изложбата „Желбата можеби е, би можела да биде, како што секогаш е, блиску до љубовта”, во чест на одбележувањето на 30 години соработка помеѓу САД и Македонија. Проектот, како што велат од МСУ, е архивски асемблаж и интервенција на Кумјана Новакова.
„Замислена во форма на белешки кон невидлива колекција од желби како уметничко истражување на можното, ова е само една од многуте замисливи архивски и документарни интервенции во видливата и невидливата колекција на МСУ. Оваа интервенција предлага спекулативен поглед на историјата на колекцијата на Музејот, првично реагирајќи на присуството на американските и на авторите и авторките со седиште во САД, како и на потенцијалните врски помеѓу уметничките простори на САД и Југославија, а потоа и Северна Македонија“, вели Новакова.
Изложбата обединува архиви, дела и размисли на Сараи Шерман, Џаспер Џонс, Ен Черноу, Бурт Черноу, Кристо Јавашев, Метка Крашовец, Тадеуш Мисловски, Луис Камницер, Џеф Расел, Петар Хаџи Бошков, Роберт Јанкулоски, Дуња Иванишевиќ, Роланд Балади, Дијана Томпсон и Кумјана Новакова.