РАЗИГРАНО И МЕЛАНХОЛИЧНО, НЕЖНО АМА И СО БОЦКИ, ВЕЛИ КРСТЕ РОЏЕВСКИ ЗА КОНЦЕРТОТ СО ТОМИКА РИД, ГОСТУВААТ ДИНА ЈАШАРИ И ВЕРА МИЛОШЕВСКА

Скопје, (СМАРТ.СДК.МК)

„Разиграно и меланхолично, нежно ама и со боцки, така би ја опишал програмата“, вели пејачот Крсте Роџевски за претстојниот концерт во виолончелистата Томика Рид во Скопје, на 13 септември (20.30ч) во Филхармонија. Специјални гостинки на концертот се пејачките Дина Јашари и Вера Милошевска-Јосифовска од „Љубојна“.

„Ова ќе биде акустичен, интимен концерт – гитара, чело и глас. Ќе изведуваме авторски композиции на македонски јазик, од албумите ‘Батаниа’ и ‘Крстена вода’. ‘Крстена вода’ е последниот албум кој беше снимен како соло концерт во студиото ‘Бункер’ во Бруклин. Ова е втор пат да настапуваме со Томика Рид во Скопје, првиот пат беше на Оффест во 2019 во една поширока, бенд-формација со Мери Халворсон, Тома Фуџивара, Мајкл Бланко и Кирк Кнафке. Овојпат ќе биде дуо, соголено и сирово, со помалку пердуви. Со Томека сме пријатели повеќе години, се знаеме многу добро и си имаме посебна меѓу-редови комуникација и заеднички хумор“, ни рече Роџевски, психијатар кој живее и работи во Њујорк и музичар со седум албуми.

На 11 септември Роџевски и Рид ќе имаат и концерт во Софија.

Музичката соработка меѓу Роџевски и Томика Рид започна пред десетина години, кога таа свиреше виолончело на неговиот вториот студиски албум „Горчливи бадеми“ (Bitter Almonds). Подоцна, Рид свиреше и на синглот „Горно Дупени“, како и на новиот аранжман на традиционалната песна „Ој љубов“, кој Роџевски го напиша за саундтракот на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски. За време на пандемијата, Роџевски го сними албумот „Пријатели само во добро’ (Fair Weather Friends), љубовно писмо до Чикаго, со елитата на чикашката џез и експериментална сцена, во кој повторно учествуваше Рид како дел од музичката екипа. За време на ковид пандемијата, Крсте и Томика живееја извесен период во истото маало во Чикаго, Вест Луп, кадешто го продлабочија своето пријателство, заедничкиот хумор и размената на идеи и концепти. Оттаму разиграноста и детската спонтаност во нивните изведби, во кои големите идеи се претставени на соголен и едноставен начин.

Роџевски живее и работи во Њујорк од крајот на 1990-тите. Има седум студиски албуми за издавачки куќи во САД и Грција, во кои соработува со плејада истакнати музичари од даунтаун сцената на Њујорк и Чикаго, како Крис Дејвис, Адам Рудолф, Ингрид Лауброк, Мери Халворсон, Бил Ласвел, Џеф Паркер, Никол Мичел, Крис Спид и други.

Томика Рид е добитничка на грантот за генијалци на Фондацијата „МекАртур“. Таа е дел од AACM, Art Ensemble of Chicago, Artifacts Trio (со Никол Мичел и Мајк Рид), триото со Крег Тејборн и Чес Смит, нејзиниот сопствен квартет со Мери Халворсон, Тома Фуџивара и Џејсон Робке и многу други. Беше професорка на престижниот Милс Колеџ и основачка на Chicago Jazz String Summit, кој го предводи од 2014.

М. ЏАРОВСКА