ЌЕ ПАДНЕВ ОД СТОЛ КОГА МИ ЈАВИЈА ДЕКА СУМ ЛАУРЕАТ НА ДЕНОВИ НА КОМЕДИЈА ВО КУМАНОВО, ЈАС СУМ ПОЛОВИНА КУМАНОВКА, РЕЧЕ ВЕСНА ПЕТРУШЕВСКА

Куманово, (СМАРТ СДК.МК)

Актерката Весна Петрушевска е лауреат на фестивалот Денови на комедија во Куманово, а наградата „Васил Иљоски“ ја прими вчера (24 септември) во Центарот за култура „Трајко Пропокоев“.

„Неколкупати сум доаѓала тука и секогаш сум ѝ се радувала на кумановската публика. Не е тоа лага, затоа што јас сум половина кумановка. И можу да кажу дека подобро збору од мајку ми, али се плашу да не згрешу граматику и синтаксу. И секогаш сум имала трема. Инаку, од сите кумановци кои се во Скопје, везам кумановски и пцују на кумановски. Ќе паднев од стол кога ми кажаа дека сум лауреат, цело време со работа, немаш време да размислуваш за награди. И кога ќе ти дојде една ваква голема награда, а тврдам дека е една од поголемите и притоа го носи името на Васил Иљовски, тоа е грандиозно. Затоа сум многу горда и среќна и ви благодарам од срце. Наградата ја посветувам на мајка ми, која вечерва е со нас. Кумановката која е мој најголем поддржувач и критичар. Мамо, те сакам, ова е за тебе“, кажа Весна во обраќањето пред публиката.

Годинава на репертоарот се 11 претстави на театри од Македонија, Србија и Бугарија. Фестивалот ќе трае до 10 октомври, а претставите ќе се играат во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

На програмата се и претставите „Рибарски караници“ на Битолскиот театар, „Бог на колежот“ на МНТ, „Да живее Долна Дупка“ на Театар Комедија, „Едно предавање“ на Театар Прешево, „На трага“ од Театар Крагуевац, „Грабеж на дијамантот“ на Театар Куманово, „Петок 13“ на Струмички театар, „Покондирена тиква“ на Народно позориште Пирот, „Постојаната сопруга“ на Сатиричен театар Софија и „Разбуди се Тина“, премиера на Кумановски театар.

И годинава ќе бидат доделени награди за најдобра претстава, женска и машка улога, сценографија, костимографија и режија.

С. НИКОЛИЌ

Фото: Центар за култура Куманово