Најисчекуваниот блокбастер на годината, третиот дел на „Одмаздници“, денеска ќе има претпремиера и во Македонија (Синеплекс, 18 часот).
Насловен како „Војна на бесконечноста“, филмот во режија на Ентони и Џо Русо несомнено ќе ги покори кино-благајните во првиот викенд од прикажувањето. Најновата авантура на некои од најпознатите суперхерои на „Марвел“ очекува заработка меѓу 225 и 245 милиони долари викендов, со можност и да ја надмине границата од 250 милиони, што би била една од најуспешните премиери на сите времиња.
Во моментов, рекордот го држи „Војна на ѕвездите: силата се буди“, кој заработи 248 милиони долари на дебито во 2015 година. Само пет филма досега имаат заработено 200 милиони долари на премиерата.
„Одмаздниците и нивните сојузници, суперјунаците, ќе мора да бидат подготвени да жртвуваат сѐ како би го поразиле моќниот Танос (Џош Бролин), пред тој да го уништи светот“, се вели во најавата на филмот.
Во актерската постава исполнета со холивудски ѕвезди се Скарлет Јохансон, Роберт Дауни Џуниор, Крис Прат, Крис Хемсворт, Том Хидлстон, Вин Дизел, Идрис Елба, Бенедикт Камбербач, Џереми Ренер, Гвинет Палтроу, Марк Руфало, Мајкл Даглас…