Десетина поголеми текстилни компании од Штип и исто толку помали конфекции вечерва и утре (9 и 10 октомври) ќе учествуваат со свои модни ревии на вториот моден саем „Фешн Штип“, на кој ќе ги прикажат најновите модни креации.
„На втората модна манифестација, покрај познатите конфекции од Штип, кои се водечки во земјата, ќе учествуваат и студенти на технолошките и модните факултети во Македонија, кои ќе ги презентираат своите најнови творештва“, велат од Општина Штип, која е главен организатор.
Според Вишна Шорова од Општина Штип, манифестацијата ќе се одржи во хали кај Царинскиот терминал и е со истата цел од лани: да се врати сјајот на Штип.
Од 1970-тите до почетокот на 1990-тите, „Македонка“ и „Астибо“ заедно имаа над 8.000 вработени и беа водечки на Балканот. Во тоа време важеа за големи европски брендови и сега се прави обид барем малку да се врати старата репутација на македонските модна конфекција и текстилна индустрија.
Т. ЈОВАНОВСКИ