На 18 октомври од 20 часот, во Народниот театар во Штип ќе се одржи меморијален концерт посветен на музичарот Филип Стевановски, кој загина во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, објави „Макбрас асоцијација“ и Скопскиот брас фестивал. Концертот се одржува во чест на неговиот роденден.
Ќе настапат квартетот тромбони „Макбрас“ и истоимениот ансамбл составен од 12 тромбонисти, меѓу кои и легендарниот тромбонист Кирил Рибарски, во чија класа Стевановски дипломираше на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Ќе настапи и реномираниот професор во пензија Ташко Тодоров, во чија класа Филип го заврши средното музичко образование. Покрај нив, како дел од ансамблот ќе настапат Владан Дробицки, Бранко Илиевски, Филип Богоевски, Никола Ристевски, Виктор Богоевски, Никола Стојановски, Алек Ѓорѓиев и Лука Костовски на тромбон и Александар Ниниќ и Виктор Грижев на туба.
„Идејата е овој концерт да стане традиција во чест на нашиот прерано починат колета Филип, кој беше еден од најсестраните млади музичари во Македонија. Филип еднакво виртуозно музицираше на пијано и тромбон и зад себе остави бројни видео и аудиозаписи на авторски изведби и композиции. Освен како музичар, делуваше во будењето на културниот живот и покрена неколку иницијативи во Штип и Куманово, како Куманово џез фестивал, детскиот фестивал ‘Весело штурче‘, иницијатива за возобновување на ‘Диксиленд оркестар‘ и Биг бендот во Штип и многу други културни активности“, велат организаторите.
На програмата ќе бидат познати џез композиции во првиот дел од концертот, а во вториот дел ќе бидат изведени пет авторски композиции на Филип Стевановски, аранжирани специјално за овој концерт од Владимир Ботев.
„Благодарност до семејството Стевановски, без чија поддршка овој концерт немаше да се случи“, додаваат организаторите.
Влезот е слободен, а концертот е од хуманитарен карактер, па ќе бидат оставени кутии за донации за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани.