Најпознатите домашни пејачи ќе ги испеат најголемите хитови на легендарниот композитор Кире Костов на концертот во негова чест насловен „Летај галебе“, кој ќе се одржи на 11 ноември од 20 часот во Националната опера и балет.
На концертот ќе настапат Драган Мијалковски, Андријана Јаневска, Ѓоко Таневски, Биба Додева, Елена Ристеска, Лидија Кочовска, Бојана Скендеровски, Ламбе Алабаковски, Влатко Лозановски, Сефедин Бајрамов, Мустафа Имери, Александар Тарабунов. Ана Петановска, Елена Васова и Сигија Маконами. Како гости ќе настапат и Љупчо Мирковски и Бобан Мирковски.
„Ќе се пеат најнајубавите песни од човекот кој напиша повеќе од 700 композициии. Режисер на концертот е Дејан Пројковски, а ќе диригира маестро Сашо Татарчевски. Музички соработници се Дамир Имери и Владимир Костов, а ќе настапи и голем камерен оркестар. Водители ќе бидат Живкица Каленикова и Огнен Јанески“, велат од „Баги комуникации“, организатори на концертот.
На концертот ќе ги слушнеме безвременските „Летај галебе“, „Кога те нема“, „Тајно моја“, „Што те нема“ и многу други. Со својот уникатен спој на џез, поп и народни елементи, маестро Костов остави духовен и културен печат во македонската музичка историја.
„Ова е важен концерт за нашето семејство бидејќи на овој начин овозможуваме да продолжи да живее делото на нашиот Кире. Тој беше човек кој живееше за музиката и за луѓето околу себе. Секој што ќе застане на сцената ќе донесе дел од неговите енергија и добрина. Им благодарам на сите уметници и соработници за посветеноста и ангажманот“, вели Кармен Костова, академски музичар, пијано педагог и сопруга на маестро Костов.
Во чест на Кире Костов е издадена монографијата „Летај Галебе“ на авторите Снежана Анастасова-Чадиковска и Марко Коловски, која имаше промоции во Битола и Скопје, како и уникатна радиопромоција на радио „Бубамара“.