МАКЕДОНСКИ УМЕТНИЦИ СЕ АВТОРИ НА НОВИОТ СПОТ НА ДАРКО РУНДЕК

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)
Вчера (24 ноември) се промовираше спотот за новиот сингл на Дарко Рундек „Танц на тенкиот мраз“ (Плес на танком леду), кој го направија македонските уметници Хана Корнети, Ѓорѓе Јовановиќ, Ѓорѓи Митревски и театарот „Сенки и облаци“ (фото).
На синглот соработуваат Ана Ковачиќ и Дарко Рундек, кои за песната велат дека ги носи длабочината и креативната љубопитност по кои се познати и двајцата.
„Изборот на авторскиот тим дојде откако Дарко и Санда Хржиќ учествуваа на уметничка работилница посветена на заштитата на реките во 2023 во Котли, Истра. Меѓу делата што беа создадени за време на процесот и кои минатата година беа претставени во Археолошкиот музеј во Загреб се издвои видео од Хана Корнети, Ѓорѓе Јовановиќ, театарот ‘Сенки и облаци’ и Ѓорѓи Митревски. Оттаму, Санда Хржиќ и Дарко Рундек ги поканија да бидат креатори на спотот“, велат од тимот на македонските уметници.
Екипата на театарот „Сенки и облаци“ е дел од авторите на спотот на Рундек (Фото: Фејсбук)
Режијата, монтажата, дизајнот и анимацијата се на Ѓорѓе Јовановиќ, сценариото е на Хана Корнети, глумата и сценографијата на театарот „Сенки и облаци“, продукцијата и камерата на Ѓорѓи Митревски, а уметнички соработник е Санда Хржиќ.