СЕ ПЛАШАМ ДА БИДАМ НАЈДОБРА МАЈКА И ТЕНИСЕРКА, ОТКРИВА СЕРЕНА ВИЛИЈАМС ВО ДОКУМЕНТАРЕЦОТ НА ЕЈЧ-БИ-О

Њујорк, (АП)

Првата епизода на „Да се биде Серена“, документарна серија во пет епизоди на Ејч-Би-О за Серена Вилијамс, заврши со сцената како една од најтрофејните светски тенисерки лежи во болнички кревет, спремна за царски рез.

Пред да заврши епизодата, се слуша нејзиниот глас: „Бев преплашена. И тоа беше сосема нов вид на страв. Тенис? Не мислам дека некогаш сум се чувствувала толку несигурно“.

Ова е само еден пример од серијата кој покажува ранливост, каква што светот не е навикнат да види или слушне од сопственичката на 23 гренд слем титули, некоја чија игра има застрашувачка моќ.

„Да се ​​биде Серена” им нуди можност на гледачите подобро да ја запознаат тениската легенда.

Има снимки во породилната сала, кога Серена ја роди ќерката Алексис Олимпија Џуниор на 1 септември, а исто така и интервјуа со неа и нејзиниот сопруг Алексис Оханјан, како и со сестра ѝ Венус, нивната мајка, другите брат и сестра и со агентот Џил Смолер.

Првата епизода беше насловена „Страв“, а втората „Сила“.

„Да се ​​биде Серена”, која почна со емитување оваа недела, им нуди можност на гледачите подобро да ја запознаат тениската легенда (Фото: Ејч-Би-О)

Првите две епизоди главно се фокусираат на бременоста на Вилијамс, компликацииите при породувањето, како и на нејзините размислувања за мајчинството.

„Нема бегање од стравот, стравот дека можеби нема да сум силна како што бев. Стравот дека не можам да бидам и најдобра мајка и најдобра тенисерка на светот. Претпоставувам дека мојот единствен избор е да живеам и да дознаам”, вели Вилијамс во еден момент.

Таа плаче додека раскажува за белодробната емболија, што ѝ го отежнувало дишењето набрзо по породувањето.

Втората епизода завршува со Серена како оди кон сала за вежбање, седум недели откако стана мајка, подготвена да ја врати формата. Таа победи на Отвореното првенство на Австралија во 2017 година, кога веќе беше бремена и оттогаш нема играно на голем турнир.

„Имам уште тенис за играње, имам живот да живеам“, вели Вилијамс во втората епиозда.