Компанијата „Мател“ ја претстави својата прва кукла Барби со аутизам, шест месеци по претставувањето на првата кукла со дијабетес тип 1.
„Оваа кукла е создадена со цел повеќе деца да се препознаат себеси во Барби и да ги охрабри сите деца да се играат со кукли што го одразуваат светот околу нив“, рекоа од компанијата.
Карактеристиките на аутизмот се разликуваат од личност до личност, а Светската здравствена организација смета дека повеќе од едно на сто деца се аутистични. Создадена во соработка со американската добротворна организација Autistic Self Advocacy Network, аутистичната Барби е дизајнирана да прикаже некои од начините на кои децата со аутизам можат да го доживуваат и обработуваат светот и да комуницираат со него.
Очите на куклата се насочени благо настрана, што го одразува фактот дека некои аутистични лица избегнуваат директен контакт со очи. Таа има подвижни лакти и зглобови, што овозможува повторувачки физички движења како мавтање со рацете, како што некои лица со аутизам обработуваат сензорни информации или изразуваат возбуда.
На прстот има фиџет-спинер кој помага во намалувањето на стресот, носи розови слушалки за поништување на бучавата и држи таблет за алтернативна и дополнителна комуникација.
Иако првите Барби кукли датираат од 1959, сè до 2019 немаше кукли кои одразуваат попречености. Денес постојат слепи кукли, како и Барби во инвалидска количка, со Даунов синдром, протези, витилиго и со слушни апарати.
„Соработувавме со аутистичната заедница во целиот процес на дизајнирање, секогаш имајќи предвид дека аутизмот се доживува различно кај секоја индивидуа и не е секогаш видлив. Елементите на оваа кукла го одразуваат начинот на кој некои лица од спектарот можат да го доживуваат и изразуваат светот“, изјави Џејми Сајгилман, глобална директорка за кукли во „Мател“.
(Фото: П. М. Хјуз)