АНА ПЕТАНОВСКА, ЏИЈАН ЕМИН И ОРКЕСТАРОТ БЕА ЅВЕЗДИ НА ВАСИЛИЧАРСКИОТ КОНЦЕРТ СО ДИСКО ХИТОВИ ВО ОПЕРАТА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Ана Петановска, оркестарот со диригентот Џијан Емин, сценографијата и видеодизајнот беа најдоброто на традиционалниот Василичарски концерт со диско хитови кој се одржа вчера (12 јануари) во Операта.

По неколку години оперски арии, популарната музика се врати на сцената, но не и домашните пејачи, кои некогаш беа дел од овие концерти. Заедно со Петановска, настапија Џудит Беноа од Велика Британија, Даниел Ситрит од Данска, Клара Лукас од Германија и Мартин Лин од Данска.

Клара Лукас од Германија и Ана Петановска (Фото: К. Попов)

Клара Лукас беше најдобриот вокал меѓу нив, не сметајќи ја Петановска. Гостинката од Британија Џудит Беноа имаше неколку грешки, кои умешно ги покри искуството на одличните Џијан Емин и оркестарот.

Џудит Беноа од Велика Британија (Фото: К. Попов)

За Ана Петановска, публиката по концертот коментираше дека слободно може да држи часови по пеење. Таа бескпекорно звучи и во брзите хитови на „АББА“ и во баладите со кои се има докажано на други концерти.

Даниел Ситрит и Мартин Лин од Данска со Ана Петановска (Фото: К. Попов)

Петановска беше ѕвездата на овој концерт, како и на други пред него и одлична домаќинка која на крајот ги претстави гостите и побара аплауз за нив откако заедно ја испеаја „Ние сме семејство“ (We Are Family). Ќе беше подобро таа да испееше некои од песните кои ги пееја тие, како на пример „Killing Me Softly“, наместо Џудит Беноа. Концертот заврши со целата публика на нозе.

Џијан Емин диригираше со пркестарот (Фото: К. Попов)

Режисер е Дејан Прошев, а сценографијата и видеодизајнот се на Марија Ветероска. На репертоарот слушнавме сплет песни од „Бони Ем“, хитови од Дона Самер, „АББА“, Глориjа Гејнор, Стиви Вондер и многу други.

Уште еден Василичарски концерт ќе се одржи вечeрва (13 јануари) од 20 часот на истата сцена.

М. ЏАРОВСКА

Фото: К. Попов