Раперот Раде Врчаковски-Врчак најави нов албум по 20 години пауза. Последниот албум го сними во 2006, а беше насловен „Во твоето срце“, според дуетот со дуото „ДНК“.
„Албумот долго се работеше и би требало да излезе некаде на крајот од февруари или во почетокот на март“, ни рече Врчак и го најави дуетот со поп-пејачката Лара Иванова.
„Снимивме преубава песна со Лара Ивановa, се вика ‘Те сакам’, а ќе ја посветиме на жените за да придонесеме во борбата против сите дискриминации кои поттикнуваат секаков вид на брутални психички и физички силеџиства врз женскиот род. На оваа тема снимивме и песна со Ламбе, Деки и Андреј Ѓорѓиевски од ‘ДНК’, неколку дена пред Андреј да загине. Таа е и последната испеана песна од Андреј, а името на таа преубава песна е ‘Како се сака женска’. Спонтано, во спомен на ‘ДНК‘, Лара и јас снимивме уште една песна на мојот нов албум. Сите што ја слушнаа ја обожаваат“, вели Врчак.
Музичарот додава дека албумот е речиси целосно готов и ќе биде бесплатен на дигиталните платформи. Во новите песни, Врчак вели дека испраќа пораки за љубов, добрина, мир, здравје и поубав и подолг живот на сите луѓе.
„Со цел да се опфатат сите новости и теми кои заслужуваат најголемо внимание во животот на сите луѓе, ќе има и долго видео, чија подготовка во моментов го пролонгира излегувањето на албумот. Пораките кои ги испраќаме е да ѝ се помогне на Светската здравствена организација во борбата против број еден причинителот за предвремена смрт во целото човештво, а тоа се кардиоваскуларните болести“, вели Врчак.
Албумот требаше да излезе на крајот на 2025, но беше одложен поради смртта на Владимир Блажев-Панчо од „ДНК“, кој почина на 14 октомври по седуммесечно лекување во болница по пожарот во Кочани на 16 март.
М. ЏАРОВСКА