Пијанистот Гордан Спасовски победи на Меѓународниот натпревар за биг бенд композиција што го организира џез оркестарот „Милениум“ од Холандија. Овој оркестар постои 40 години, а во него свират холандски и германски музичари.
Финалето се одржа во градот Зволе, а „Милениум“ ги изведе трите номинирани композиции пред композиторите, публиката и меѓународното жири. Победникот доби парична награда од 3.000 евра.
„Со особена гордост го споделуваме ова признание. Нашиот пијанист Гордан Спасовски е победник на Меѓународниот натпревар за биг бенд композиција. Жирито едногласно ја избра неговата композиција ‘Лавица’ (Lioness) за најдобра меѓу финалните дела“, објави Националниот џез оркестар.
Другите двајца финалисти беа Бернард ван Росум и Крис Милер од Холандија. На натпреварот учествуваа композиции на автори од Јапонија, САД, Италија, Франција, Австрија, Белгија, Србија, Германија, Финска, Швајцарија, Холандија и од Македонија.
Гордан Спасовски (35) е пијанист, композитор и аранжер. Член е на Националниот џез оркестар. Во 2021 беше финалист на Меѓународниот натпревар за биг бенд композиција во Хелсинки. Лани беше прогласен за најдобар џез музичар во Македонија.
(Фото: Н. Д. Грот)