САМО НАЈБЛИСКИТЕ ЗНАЕЈА ДЕКА ЧЕКАМЕ СИН ЗАШТО САКАВМЕ МИР ВО ТОЈ ПОСЕБЕН ПЕРИОД, ВЕЛИ ЛОЗАНО ПРЕД КОНЦЕРТОТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Поп-пејачот Влатко Лозаноски-Лозано со радост се подготвува за концертот на 7 март во салата „Борис Трајковски“, за кој вели дека сценски ќе биде на високо ниво. Овој концерт доаѓа седум години по претходниот во истата сала, а Лозано за себеси вели дека оттогаш е музички посигурен, а приватно е посмирен и со појасни приоритети. Негова инспирација сега е синот Марко, кој се роди во октомври 2024.

Овој концерт ќе биде поразличен затоа што доаѓа во поинаков период од мојот живот. Не е продолжение на претходните, туку ново поглавје. Сценски и продукциски ќе биде на високо ниво, но најголемата разлика е во емоцијата. Ќе биде поинтимен, поискрено доживеан и многу повеќе насочен кон директна врска со публиката“, ни рече пејачот.

Лозано додава дека овојпат не сака само да се слушне музиката, туку и да се почувствува.

Музички, денес сум посигурен во тоа што го правам и знам зошто стојам зад секоја песна. Се трудам да не бркам трендови, туку чувство и трајност. Приватно сум посмирен, поприземен и со појасни приоритети. Со годините научив дека зрелоста не е во брзината, туку во трпението, во изборите што ги правиш и во начинот на кој се носиш со тишината меѓу големите моменти“, вели Лозано.

И покрај долгогодишното искуство, кај него уште постојат трема и грижа дали концертот ќе успее и дали ќе му се оствари сликата која ја има во главата.

Колку и да имаш искуство, секој голем концерт носи одговорност и нормално е човек да се прашува дали сè ќе биде како што го замислил. Да, си правам слика во главата, од првиот тон до последниот аплауз, но со годините научив дека не можеш да контролираш сè. Во моментот кога ќе излезам на сцена и ќе ја почувствувам енергијата од публиката, грижата и тремата исчезнуваат и се претвораат во чиста емоција и фокус“, ни рече пејачот.

Вели дека 2025 за сите беше тешка година по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 луѓе, а 200 беа повредени. Лозано беше близок пријател со Владимир Блажев-Панчо и Андреј Ѓорѓиески од дуото „ДНК“. За нив вели дека секогаш ќе ги памети по човечноста и по топлината.

2025 навистина остави трага кај сите нас. Со Панчо и Андреј ме врзуваше многу повеќе од музика. Пријателство, човечка блискост и заемна почит. Највредното нешто што ќе го паметам од нив е нивната искреност и човечност, тоа беа по гаснењето на светлата. Кога ќе се спомнат нивните имиња, прво што ми доаѓа се насмевка, топлина и чувство дека оставија силна и искрена трага, не само во музиката, туку и во луѓето кои ги допреа“, вели Лозаноски.

Многумина се изненадија кога медиумите објавија дека му се родил син, зашто, како што вели, дека тој и сопругата очкеуваат дете знаеле само најблиските.

Лозано со синот Марко (Фото: Приватна архива)

„Сакавме тој момент да го задржиме само за нас, барем во почетокот. Не толку од суеверие, туку од потреба за мир и интимност во еден навистина посебен период. Знаеја само најблиските луѓе од семејството и кругот пријатели. Ми беше важно прво ние како семејство да го проживееме тоа чувство, па дури потоа да го споделам со јавноста“, вели пејачот, кој е по потекло од Кичево.

Неговите родители живеат во родниот град, а сестра му Марија Лозаноска, која е лекторка, наставничка по македонски јазик и писателка, е во Скопје.

„Сите се добро, фала богу. Моите живеат во Кичево и секогаш се тука кога и да ни затребаат. Поддршката од семејството е огромна, особено во овие први месеци со Марко. Помошта од родителите и сестра ми значи многу. Тоа е онаа тивка, сигурна поддршка без која сè би било многу потешко“, вели пејачот.
Местото кое го прави среќен и го смирува е семејната куќа во кичевското село Белица, за чија изградба и уредување им помогна на родителите. Во Белица, Лозаноски оди секогаш кога нема обврски.
„Секогаш кога ќе отидам таму, чувствувам мир. Белица ме приземјува и ме потсетува од каде ми се корените. Кога сум таму, помагам колку што можам околу куќата и дворот. Тоа за мене не е обврска, туку начин да останам поврзан со семејството и со местото од каде што потекнуваат моите прадедовци“.
Лозано вели дека музиката отсекогаш била неговата главна професија, но и многу активности поврзани со неа се трудел да ги научи и да ги работи истовремено. Се занимавал и со други нешта кои не се поврзани со музика, а го интересираат и вели дека во одредени добро се снаоѓа, зашто искуствата надвор од музиката му помогнале да научи дисциплина, трпение и почит кон трудот.
Овој концерт ќе биде поразличен затоа што доаѓа во поинаков период од мојот живот, вели Лозано (Фото: Приватна архива)
„Мислам дека токму тоа ме држи приземен и денес, без разлика каде сум и што правам“, вели Лозано и додава дека во животот не би сменил ништо суштинско.
„Сè што ми се случило, и убаво и тешко, ме донело до човекот кој сум денес. Можеби има моменти во кои би сакал да сум знаел повеќе или да сум реагирал поинаку, но каењето не носи многу. Повеќе верувам во тоа да се извлече поука и да се оди напред. Највредна особина ми е искреноста, и кон себе и кон другите. Тоа ми помага да останам свој и да стојам зад сè што правам. Ако би можел нешто да сменам, можеби би бил помалку самокритичен, затоа што понекогаш знам да бидам престрог кон себеси“.
Со години, тој им е верен на продуцентот Лазар Цветкоски и на неговата сестрата Магдалена Ена Цветкоска како текстописец. Лозано опиша како настанува еден негов хит во студиото на Лазар Цветкоски во Тетово.
„Снимањето кај Лазар секогаш е креативен, но и многу детално воден процес. Се зборува многу, се пробуваат различни идеи и се бара вистинската емоција. Ништо не се брза, важно е песната да ‘легне’. Финалната верзија секогаш е заедничка одлука, затоа што и двајцата сме фокусирани на тоа песната да звучи искрено и да има душа“, ни рече Влатко Лозаноски.
Тој најавува нова музика на која работи и вели дека е многу можно публиката да слушне и нови песни до концертот.
„Сакам секој голем настап да донесе нешто свежо и посебно, како мало изненадување за оние што ќе бидат таму“, вели Лозано.
М. ЏАРОВСКА