Повеќе од четири часа траеше заедничкиот концерт на Владо Јаневски и Момчило Бајагиќ-Бајага, вчера (14 февруари) во салата „Борис Трајковски“. Уникатниот спој на двајцата кантавтори со долга кариера ја наполни салата, и добивме два концерта во една вечер.
Расположен повеќе за пееење, а помалку а приказни, Владо Јаневски направи одличен старт на вечерта, со хитовите кои станаа евергрини, а меѓу нив и „Евергрин“.

„Оваа песна ѝ ја посветуваме на Сара, ја пееме како сеќавање за неа“, рече Јаневски за „Тајна отровна“ која тој и бендот ѝ ја посветија на Сара Пројковска, пејачката и професорка по пијано која загина на 16 март лани во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Стево Чепишевски, Теа Богатинова и Ана Костадиновска пееја придружни вокали, а до пред една година, редовна со нив на сцената беше и Сара Пројковска.
Јаневски неколкупати се пошегува дека би пеел до сабајле, но договорот е џентлменски, половина тој, половина Бајага. Без да побара, публиката во салата ги запали телефоните на „Црно тиквешко“, а сите балади како „Некогаш и негде“ и „И тогаш некоја будала“ ги пееја гласно од почеток до крај.

Бајага почна некаде по 23 часот, со препознатливата најава на шарматниот Жика Миленковиќ, гитаристот во бендот кој Бајагиќ заслужено го претставува како мајстор. Миленковиќ одлично зборува македонски и пред речиси секоја песна имаше смислено оригинална приказна како најава, на македонски.
„Бендот ‘Бајага и Инструктори’ веќе 41 година настапува пред весела публика. Годините поминуваат, но ние траеме“, рече Миленовиќ како најава за песната „Годините поминуваат“ (Године пролазе). Во првите редови и на трбините, хитовите на Бајага кој го нарекуваа доброто момче на југословенската рокенрол сцена, ги пееја оние кои беа деца и тинејџери на неговите почетоци, и млада публика, многу помлада од легендарните песни.
Пораките на видеобимот кои се прикажуваа во текот на целиот концерт беа вистински опис на концертот, „Добредојовте на романтика“ и „Животот вечерва е жолт“, според стиховите на хитовите на Владо и Бајага. На бис, добивме дел од најубавите балади на Бајага, една само со него и шарматниот клавијатурист Александар Локнер на сцената.

Дел од публиката по настанот кој го организираше „Авалон“ на крајот коментираше дека концертот бил вистински избор како да се помине Денот на вљубените.
М. ЏАРОВСКА